Македонија
(Видео) Заев: Да ги спроведеме реформите до март, конечно, да обезбедиме функционална правна држава
Голема е одговорноста да се биде носител на правдата и да се биде праведен. Потребни се добри закони, потребно е почитување на законите од судската, извршната, законодавната власт, од институциите, од секој професионалец и секој граѓанин одделно. Потребна е и свест и совест дека само општеството поставено на правда и правичност носи мир и е добро место за живеење на граѓаните, порача премиерот Зоран Заев на работната средба во организација на Академијата на судии и јавни обвинители и Центарот за истражување и анализи, со претставници на апелациските судови и Врховниот суд на Република Македонија, што се реализира и со поддршка од британската амбасада, а се одвива во Струмица.
„Со вас судиите, обвинителите, стручната јавност, се обидуваме да ги усогласиме законите според европското законодавство и препораките што се бараат во поглавјето за правосудство во преговарачкиот процес што очекуваме да почне со ЕУ. Но, клучната обврска останува на вас како судии и на сите нас како држава: конечно, да обезбедиме функционална правна држава! Правото и правдата мора да му бидат достапни на секој граѓанин и да важат неселективно, еднакво за сите!“, истакна Заев.
Тој апелира судиите да си ја работат работата според совеста и законите, непристрасно, објективно, професионално, без прифаќање странични влијанија од кого и да доаѓаат. Нагласи дека законите во оваа држава се спроведуваат и ќе се спроведуваат.
„Како извршна власт, ќе го направиме она што е наша должност, да ги обезбедиме сите потребни услови за ефикасно да функционира правната држава во Македонија. За тоа се обврзавме пред граѓаните, тоа ни е обврска како држава за да ги почнеме преговорите со ЕУ во јуни и да станеме членка на Европската Унија. Ефикасен правен систем ни е потребен и за членството во НАТО“, рече премиерот.
Важните закони, како што дополни Заев, што се однесуваат на ефикасното правосудство, очекува дека до Нова година ќе влезат во собраниска процедура.
„Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на Република Македонија се работени од стручна работна група составена од судии, професори, поранешни судии на Судот за човекови права во Стразбур, членови на Судскиот совет на Република Македонија. Измените и дополнувањата се во согласност со препораките дадени од Венециската комисија, ГРЕКО и Оценската мисија на ТАЕКС за обука на судии и јавни обвинители според насоките утврдени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, а ја поминаа и расправата во Советот за реформа на правосудниот сектор и, како што сум информиран, нивното донесување е поздравено“, додаде Заев.
Тој појасни дека се воведува категоријата млади судии или судии избрани во основен суд со проширена надлежност со судиски стаж до две години да може да работат само на предмети од надлежност на суд со основна надлежност, односно полесни предмети.
Основните судови во Кичево, Кавадарци и во Гевгелија добиваат проширена надлежност. Анализите покажуваат дека овие судови континуирано низ годините имаат предмети изразено над просекот на предмети што го имаат судовите со основна надлежност.
Ваквата поставеност, според премирот Заев, негативно влијае на секојдневното работење на правните лица, за коишто е надлежен Основниот суд во Велес, а така индиректно и на целокупното пазарно работење и на развојот на стопанството во јужните делови на Македонија.
„Меѓународните стандарди предвидуваат посебен третман на децата сторители на кривични дела, што треба да биде остварен во нивното место на живеење. Ваквите меѓународни стандарди се неостварливи доколку судот е значително оддалечен од местото на живеење на детето“ изјави Заев.
Целта на измените на оваа одредба е, како што рече, остварување полесен и поефикасен пристап до правдата на голем број граѓани на Република Македонија.
„Се предвидува надлежноста на Судскиот совет на Република Македонија да го утврдува оптималниот број на судии и судии поротници во судовите. Се овозможува во случај на полесен облик на повреда на основите за разрешување судија, да може да му биде изречена дисциплинска мерка наместо разрешување во согласност со препораката на Венециската комисија. Се врши дефинирање на поимот истакнат правник како член на Советот избран од Собранието. Се предлага тие да бидат од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставен суд или меѓународен суд.
Се пропишуваат основите и постапката за изземање и поднесување барање за дисциплинска постапка за член на Советот во согласност со препораката на Венециската комисија. Се прошируваат основите за престанок на судската функција и во случај ако на судијата во вршење на судиската функција му е изречена прекршочна санкција – забрана за вршење професија, дејност или должност за дело поврзано со злоупотреба на судиската функција. Се воведува нов концепт на оценување судии, само во случај на унапредување во суд од ист степен, повисок суд или за претседател на суд.
„За да поминат законите во парламентот, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот – ние сме во контакти и со опозицијата и верувам дека ќе биде дадена широка и политичка и општествена поддршка. Да ја хармонизираме судската практика, да ги усогласиме законите со законодавството на ЕУ, да ја обезбедиме правдата во нашата држава и сите да се чувствуваме спокојни и заштитени во еден ефикасен, фер и правичен правосуден систем!“, порача Заев.
Тој ги повика сите надлежни институции и поединците да ја сфатат сериозно оваа обврска, да ги донесат законите до март и да се почне со нивна ефикасна реализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не му го спомнаа името на Груби на собраниска седница, од што се плашат Заев, Филипче и Спасовски?
СДС наместо да застане на страната на правдата и одговорноста, продолжува да го релативизира и штити криминалот на Артан Груби. Наместо да се дистанцираат, СДС на чело со Филипче координирано го бранат Груби. СДС го штитат Груби повеќе дури и од што го штитат менторот Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС се толку многу исплашени и бегаат од темата за Артан Груби што на собраниска седница за пратенички прашања ниту поставија прашање, ниту пак името му го спомнаа. СДС се толку вознемирени и нервозни од апсењето на Артан Груби поради стравот од сведочењето на Груби и неговите изјави кои може да повлечат и поранешни високи функционери на СДС. Тренчевска со сите сили се потруди да ја колективизира одговорноста за одлуките на тогашната влада на СДС и ДУИ. Потпретседателката на СДС Јована Тренчевска истакна дека одлуката на тогашната влада, каде се сомничи за криминал Артан Груби, била колективна, и според неа не било фер само Груби да добие кривична, туку требало да добијат и другите министри кои присуствувале на седницата, односно цела тогашна влада“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали со ова СДС се подготвени да жртвуваат одредени нивни функционери се со цел да го заштитат Груби и што знае Груби па цела СДС се плаши за да не посведочи за одредени криминали?
„Дали Вице Заев, Оливер Спасовски и Венко Филипче се плашат од тоа што ќе каже Артан? СДС знаеше за криминалот во Државна лотарија и молчеше за спас на коалицијата со ДУИ. Граѓаните очекуваат правда, никој не смее да биде над законите. Заврши времето на политичка заштита на поединци, време е за транспарентност и владеење на правото. Одговорност мора да има за секој за кој ќе се утврди вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Крмов: Премиере, ќе ја раскинете ли нелегалната концесија за Блатешница по 13 продолжени рокови
Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седница на пратенички прашања ја повика Владата да ја раскине концесијата за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница во село Блатец, обвинувајќи за незаконско пролонгирање на роковите и игнорирање на волјата на локалното население кое како што рече „веќе една деценија со своите тела, со един вид жив штит, си ја бранат реката и правото на незагадена природа и вода“.
Крмов истакна дека концесијата за изградба на хидроцентралата во 2012 година е доделена на фирмата „Енерџилукс ДООЕЛ Штип”, основана само два месеца претходно, а е всушност ќерка фирма на текстилната фабрика „Виза Фешн“ од Штип. Тој истакна и дека договорот предвидувал започнување со комерцијална работа во рок од три години од ефективниот датум, а тоа е 23.12.1212 година.
„Имаме ситуација во која концесионерот не ја исполнил обврската да започне со производство во предвидениот рок, а наместо раскинување на договорот, рокот е продолжуван дури тринаесет пати“, рече Крмов и додаде дека во меѓувреме, односно во 2020 година, ситуацијата се менува и од штипска фирма таа станува кочанска фирма во сопственост на „Атом Сантех“ ДОО Кочани.
Тој се повика на член 33 од договорот, според кој Владата може да ја раскине концесијата доколку инвеститорот не ги исполни обврските. Исто така нагласи дека Владата може еднаш да го пролонгира рокот и доколку и тогаш не се отпочне со производство Владата треба еднострано да ја раскине концесијата. Во овој случај, како што истакна пратеникот и покрај повеќекратните пролонгирања, договорот не е раскинат.
Крмов посочи и на извештај од 2014 година во кој, како што рече, било минимизирано влијанието на хидроцентралата врз водоснабдувањето на селото.
„Помеѓу зафатот на централата и машинската зграда се наоѓа зафатот за водоснабдување на селото Блатец. Треба да веруваме дека изградбата нема да влијае врз водата што ја користат над илјада жители“, рече Крмов, додавајќи дека не биле земени предвид ниту системите за наводнување, малите акумулации и локалните стопански капацитети.
Крмов посочи дека жителите на Блатец со години организираат деноноиќни блокади за да ја спречат изградбата и се единствените кои во целиот процес се исклучени и укажа дека Владата на седница од март 2025 година само за 20 минути разгледата шест договори за концесија на мали хидроцентрал и на сите им бил продолжен рокот, меѓу кои и на хидроцентралата на Блатешница.
„Не гледам друг начин инвеститорот да започне со работа освен на сила. Се надевам дека нема со сила да ги рушите барикадите“, рече Крмов.
Во обраќањето тој се повика и на природното право на локалното население. „Тие луѓе со генерации живеат таму и пијат вода од таа река. Тие се најповиканите кога се носат одлуки што директно влијаат вр нивниот живот, а не профитот да биде пред сѐ, нагласи пратеникот.
На крај упати директно прашање до премиерот: „Дали ќе се одважите конечно да застанете на страна на жителите на Блатец и ќе ја поништите концесијата за малата хидроцентрала, особено ако и овој тринаесети рок биде прекршен на 7 март годинава?“.
Македонија
„Сега странски служби јавиле, имаме чувство дека театарот со Груби стана циркус“, велат од СДСМ
„Театарот со Груби стана циркус. Имаме чувство Мицкоски. Прво граѓаните ја видоа режираната претстава на граница, доаѓањето со наочари, со насмевка, каде недостасуваше уште црвен килим за Груби. Потоа смисленото сценарио и пречек со камери, со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола на ВМРО преку Орбан“, велат од СДСМ
„Па одредувањето куќен притвор од обвинителство и судство по контрола на ВМРО ОКГ. Обвинителството прво велеше дека АНБ на Христовски и МВР на Тошковски дале безбедносна проценка дека Груби не е безбеден и затоа морале да одредат куќен притвор.
Излезе директорот на Затворот и демантираше, рече дека ниту АНБ ниту МВР не дошле и не направвиле проценка. Вчера Мицкоски изјави дека тоа биле класифицирани информации, доверливи и не може да се соопшти. Имал чувство.
Сега излегуваат информации дека наводно „странски служби“ јавиле уште пред една година и дека безбедносна проценка воопшто не била направена од АНБ и МВР.
Циркус. Само не кажаа која, дали српска или руска странска служба?
Веќе не знаат што да излажат. Само нешто се измисллува за да се покрие сценариото.
Исто како во времето на Никола Груевски.
Какви странски служби, какви проценки, нема посилна потврда од ова дека сè е договорено“, соопшти СДСМ.

