Македонија
(Видео) Заев: Ги остваривме стратешките цели, членка сме на НАТО и почнуваме преговори со ЕУ
За 2,5 години постигнавме многу, заедно успеавме од заробена држава, да ја внесеме земјата во НАТО, да ги откочиме интегративните процеси и цврсто да зачекориме кон ЕУ. За три години, преку одговорни и државнички одлуки ги остваривме стратешките цели на државата и се гордееме со тоа заедно со сите наши граѓани, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Денес, ние сме 30-та земја членка на НАТО, на иста маса со најмоќните, најсилни и најразвиени земји. Денес, нашите граници се обезбедени, нашиот мир е загарантиран. Денес, Северна Македонија е пред почеток на процесот на преговори со ЕУ, набргу ги отвораме и првите поглавја.
Сето ова го остваривме зачувувајќи го македонскиот идентитет, важен за нас Македонците. Благодарни сме им на Албанците, Ромите, Србите, Власите, Турците, Бошњаците и на сите други помалку бројни етнички заедници за солидарност што ја имаа за решавање на оваа прашање.
Како предводник на најголемата мултиетничка коалиција во државата, горди сме што успеавме заедно, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, сите. Речиси три децении нашата држава бавно чекореше кон интеграција во ЕУ и НАТО, наша цел поставена уште од денот на независноста. 11 години со ВМРО-ДПМНЕ тоа беше невозможна мисија, наместо интеграција, имавме изолација, наместо напредок, имавме режим, етнички тензии и поделби.
Ние за три години покажавме дека можеме, можеме да ги решиме споровите, можеме да ги отвориме вратите на ЕУ и НАТО, да ги отвориме фондовите за сите наши граѓани. 2,5 милијарди евра европски пари ни стојат на располагање во следниот период. Европски пари за европски стандарди дома, но и за полесно справување со последиците од коронавирусот.
Подготвени сме, знаеме и можеме да отвориме 80 отсто од поглавјата до 2024, а за шест години, да го затвориме целиот преговарачки процес со Европската Унија. Ова е нашата понуда за следните 4 години. Точно знаеме каква држава сакаме да биде Северна Македонија во 2024 година. Слободна, демократска, европска држава, интегрирана, пријател со соседите.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ немаме ништо, освен обнова на режим со истите луѓе на Никола Груевски, нема ништо, освен нова изолација, нови кавги внатре и со соседите. Затоа е важно да не застанеме, заедно да продолжиме, да го завршиме почнатото.
На 15 јули се носи уште една голема одлука. Одлучуваме за иднината, наша и иднината и на нашите деца. Одлучуваме дали ќе продолжиме напред или ќе се вратиме назад во минатото со поделби, изолација и режим.
Само глас за коалицијата „Можеме“ е сигурност за да продолжиме напред и да не ја доведеме во опасност државата од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, ве повикувам масовно да излеземе на гласање на 15 јули. Да избереме да продолжиме на прав пат кон ЕУ и НАТО. Ја бараме вашата поддршка за да продолжиме напред уште побргу. Заедно можеме уште повеќе и уште подобро“, порача Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

