Македонија
(Видео) Заев на состанокот со Атлантскиот совет: Сегашниот став на Бугарија е спротивен на меѓународното право
Претседателот на Владата, Зоран Заев, учествуваше на панелот што го организира американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“ како дел од истоимената студија што за нашата земја го подготвија експерти на Атлантскиот совет.
На дебатата, на која зедоа учество повеќе познавачи на современа Северна Македонија и на Западен Балкан, меѓу кои и поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Робертсон, амбасадорите Роберт Гелбарт, Мајкл Карпентер, како Џејмс Обрајан од транзицискиот тим на претседателот Џо Бајден и Дамјан Марфи од Комитетот за надворешна политика на Сенатот на САД, премиерот Зоран Заев одговараше на прашања од неколку клучни теми, кои беа поставени како прашања од страна на присутните и публиката.
Во врска со моментната ситуација со македонско-бугарските односи, премиерот Заев истакна дека непринципиелната позиција на Бугарија спречи овозможување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, со што требаше да биде означен почетокот на преговорите.
„Нашиот став е дека пријателите не треба меѓу себе да се блокираат. Напротив, тие треба си помагаат. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, а со тоа да се почитуваат и сите европски идентитети што ги имаме во нашата земја. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и другите. Нашата држава е Европа во мало“, нагласи премиерот Заев.
Во однос на внатрешните државни приоритети, премиерот Заев потенцира дека први на листата на Северна Македонија се унапредувањето на здравствениот и образовниот систем, борбата со корупцијата, како и постигнувањето на сите демократски стандарди во согласност со вредностите на ЕУ за да го оправда епитетот светилник на демократијата на Западен Балкан.
На прашањата за економијата премиерот Заев се осврна на фактот дека 10 нови компании, најмногу од земји што се наши сојузници во НАТО, инвестираат во нашата земја и во време на планетарна криза предизвикана од Ковид-19.
„Инсистираме на трансформација на нашата економија во зелена економија, односно ги заменуваме енергенсите што го трујат нашето општество, како што е јагленот, и ги конвертираме постојните енергетски капацитети да работат на сончева енергија. Преку овој процес, кој го нарекуваме праведна транзиција, овозможуваме и подобри плати и здравје за вработените во овој тип на индустрија. Со овој процес обезбедуваме дополнителна стабилност на Северна Македонија и здравје за нашите граѓани“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев одговараше и на повеќе прашања поврзани со актуелната ковид-ситуација и нагласи дека оваа глобална криза е, пред сѐ, здравствена, со што на прво место ја става грижата за здравјето на граѓаните.
„Кога станува збор за вакцините, ние работиме со сите наши партнери да овозможиме што е можно побрзо вакцинирање за нашите граѓани. Сакам да истакнам дека ние бевме во директна комуникација со нашите сојузници и дел од Ковакс-системот за набавка на вакцини за најдоброто за нашите граѓани. Во меѓувреме, склучивме и билатерални договори со одделни производители. Но, бидејќи станува збор првенствено за грижата за здравјето на нашите граѓани, а целата планета се соочува со проблем со квантитетот на вакцините што се на располагање, стапивме во договор и со другите производители од кои набргу очекуваме да ги добиеме договорените количини“, информира премиерот Заев на дебатата во организација на американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

