Македонија
(Видео) Заев: Нема подобра опција од наставата со физичко присуство
Од наставата со физичко присуство нема подобра опција и затоа ги обезбедивме сите услови за враќање на учениците во училишните клупи, рече премиерот Зоран Заев во видеообраќање за новата учебна година 2021 – 2022 година.
Во продолжение го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев:
„Почитувани наставници и родители, драги ученици во основното и средното образование, ви посакувам новата учебна 2021 – 2022 година да почне и да се одвива во симболиката на старото нормално.
На сите првачиња и на сите родители им го честитам почетокот на најважната фаза во нивниот живот кога ќе ги истражуваат неизмерните длабочини на знаењето. Знам дека нивната љубопитност и желба за истражување ќе им донесе радост за секое стекнато знаење. Тоа е нивниот влог за успешна и убава иднина.
Несомнено е дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите што посакуваат здрав психосоцијален развој на учениците.
Сите многу изгубивме изминатата година соочувајќи се со пандемијата, која го затече целиот свет.
Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн-наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието.
Сега е време да го надополниме сето она што не можевме да го развиваме во рестриктивните мерки.
Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите што се занимаваат со психофизичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи.
Владата, заедно со Министерството за образование, ги вложи сите напори во обезбедувањето здравствено безбедни средини за учениците.
За да се спречи ширењето на Ковид-19 во училиштата, потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно-образовниот процес – ученици, наставници, родители, општините.
Јас сум убеден дека децата веќе знаат зошто ги носат маските и зошто ќе се дружат малку пооддалечени еден од друг.
Министерството за образование и наука има развиено планови, кои ја покажуваат спремноста да се дејствува во кое било од можните сценарија што може да се случат. Уверен сум во таа спремност, исто како што знам дека сите будно ја следиме епидемиолошката состојба и се приспособуваме на неа.
Важно е да бидеме одговорни и надвор од училиштата. Затоа и ја стимулираме вакцинацијата бидејќи колку повеќе ни се заштитени возрасните дома толку послободни ни се децата на училиште.
Толку поголеми ќе бидат насмевките и дружбата кај учениците.
Ако сите се придржуваме до мерките, послободни ќе ја поминеме оваа училишна година и со тоа ќе придонесеме да биде и последна ваква пандемиска.
Сите сме заедно во ова и секоја поддршка и соработка од родителите, наставниците и од учениците е добредојдена.
Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање и свест.
Драги деца, родители и наставници, нека е среќен првиот училиштен ден!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

