Македонија
(Видео) Заев: Очекувам Чулев да ги повика Камчев и Мицкоски на сослушување
СДСМ кога поседуваше докази ги објавуваше јавно и ги достави до надлежните институции, ако и во иднина имаме докази ќе го сториме истото, денес, ние продолжуваме да водиме исклучително позитивна кампања, истакна денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев во одговори на новинарски прашања.
Заев посочи дека го следи случајот со поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев и истакна дека техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев овој случај сака да го прикаже во поинакво светло заради политички цели.
„ Внимателно ги следам сите развои на настаните од ваков аспект заради тоа што Ден Дончев беше директор на Фондот за здравствено осигурување. Јавното обвинителство води истрага на еден од поранешните, сегашните, сопственици на Диамед, а секако има истрага и за Диамед, а начинот на кој Чулев сака тоа да го прикаже е секако е нешто што е заради политички цели. Обвинителството дава налог некој да биде повикан, да биде сослушан, да биде изведен пред истражен судија. Министерот Наќе Чулев тоа го прави заради политички маркетинг. Но кога веќе тргнаа со вакви решенија и од она што го слушнавме денеска, очекувам да го викнат и господинот Мицкоски и господинот Орце Камчев, баш по истите аршини за сослушување како што тоа го направија со Ден Дончев“ , посочи Заев.
Во однос на прашањето за реформите во правосудството, претседателот Заев истакна дека Владата и парламентарното мнозинство во последните три години направија сериозни реформи во судството, но во тој дел се уште има предизвици и простор за напредок.
„ За да може да очекувате правно практикување на законите што ги донесовме мораше некој да ги донесе законите да ги изработи, тоа го направи владата а парламентот ги донесе. Останува практично имплементирање на законите затоа испорачуваме јавно очекување од нас и сите граѓани дека судиите мора да бидат независни да судат транспарентно да судат правично да судат етички и да судат ефикасно. Затоа, прочистувањето на правосудството претстои како процес кој што е различен од ветингот затоа што ветингот беше распуштање на правосудството за што не добивме согласност од Европската унија со право секој судија да се кандидира. Овде имаме целосна контрола и проверка на имотот, потекло на парите на самите судии и обвинители и други вклучени во правосудството имаме проверка на предметите во последните пет години најмалку пет проценти од пресудите ќе се прочешлаат согласно што ќе се утврди дали некој правел махинации дали имало влијание дали намерно застарувал предмети и затоа мораме на тој начин да направиме едно јавно транспарентно фокусирање на сите ако сакаме да имаме во пракса владеење на правото. Владеење на правото и тоа како е веќе видливо во сите овие изминати години но луѓето очекуваат ефикасна и брза правда очекуваат транспарентни брзи постапки, очекуваат виновните да си одговараат пред судовите а сите оние кои што се невини да бидат ослободени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

