Македонија
(Видео) Заев: Правосудството мора да се прочисти од нечесните судии и обвинители
Премиерот Зоран Заев се обрати до граѓаните во врска со правосудството и судските процеси кои се во тек, притоа порачувајќи и на јавноста дека мора да престане да постои, како што рече, заробената правда во државата.
„Изминативе две и пол години се покажа дека судството остана последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции, истакна премиерот Зоран Заев. Овие последни упоришта на „заробената правда“ продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие таканаречени Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата.
Ова мора да престане веднаш! Правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните.
Антикорупциската комисија, токму сега врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од мене. И тоа е сосема во ред.
Затоа, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства.
Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе.
Ги повикувам Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите. Мораме да обезбедиме правосудство кое одлучува, а не правосудство кое застарува предмети! Мораме да го прочистиме судството од непрофесионалните, неажурните и корумпираните!
Истовремено, најавувам дека преку институциите ќе започнеме контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство.
Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста!
Почитувани граѓани, ова прочистување ќе овозможи правда да може да носат само праведни судии, а не кочничари на правдата.
Пред граѓаните ветивме правда! Му дадовме шанса на судството, а од таму до сега немаше резултати. Затоа, судството ќе мора да се соочи со граѓаните, да се прочисти од нечесните и да се промени!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

