Македонија
(Видео) Заев: Со реконструкција на „Пластичарска“ граѓаните ќе добијат модерно и ефикасно сообраќајно решение
Претседателот на Владата, Зоран Заев, изврши увид во градежните работи за реконструкција на една од најпознатите сообраќајници во Скопје – булеварот Никола Карев, познат како Пластичарска улица, која поврзува четири општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош.
Премиерот истакна дека продолжуваат интензивните градежни работи за реконструкција на голем број булевари, улици и главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини и додаде дека примерот на Град Скопје е поттик и за другите општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија за одржлива урбана мобилност, и за поголема ефикасност на градскиот сообраќај.
„Овој булевар дневно го користат десетици илјади возила, а овој потег особено е значаен поради огромниот број стопански субјекти со огромна фреквенција на граѓани како потрошувачи или како деловни соработници и добавувачи на компаниите што тука имаат продажни и други објекти. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени 1.400 метри, на потегот од клучката кај Бит-пазар до касарната Илинден“, рече премиерот Заев.
Тој дополни дека булеварот Никола Карев“истовремено е врската на источната и западната порта на Скопје. Тоа, како што рече Заев, ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница од посебен интерес на граѓаните на главниот град, како и на граѓаните од Републиката кои во огромен број го користат овој булевар.
„Кога ќе биде завршена реконструкцијата, булеварот ќе добие 4 коловозни ленти со полна функционалност, велосипедски патеки во двете насоки и тротоари за пешаци. Проектирана е и нова атмосферска канализациска и водоводна инфраструктура, како и ново осветлување и значајното зеленило“, истакна премиерот Заев.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, истакна дека првата фаза од проширување на булеварот Никола Карев го опфаќа делот од клучката кај Бит-пазар до касарна Илинден и целосно ќе биде изведена непостоечка атмосферска канализација, реконструкција на подземните инсталации, со што ќе се добие современа сообраќајница и апелираше до граѓаните за трпение додека траат градежните работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

