Македонија
(Видео) Зафировски: Вакцинацијата не смее да запре, да се воведе систем на тестирање на граница
Владата не смее да ја игнорира опасноста која ни се заканува како последица од делта-сојот. Според она што до сега им е достапно на експертите како информација, може да се утврди дека оваа мутација на вирусот е далеку повирулентна, побрзо се шири, ја зафаќа младата популација и можноста за компликации се поголеми, но од друга страна власта нема план на повидок како да го заштити населението, изјави Д-р Оливер Зафировски.
Тој нагласи дека земјите во регионот и светот имаат строги контроли при влез на нивната територија, а дека само во Македонија нема никаква контрола.
„ Малото присуство на Ковид-19 во Македонија и големината на државата даваат одлична можност да се превенира огромен бран на есен. Се што треба да направи Филипче е да воведе систем на задолжително тестирање на граничните премини и на аеродромите, како ќе се превенира ковид позитивни да влезат на територија на Македонија слободно“ рече Зафировски.
Според него, Филипче мора да го направи тестирањето во рамки на државата подостапно.
„ Крајно и најбитно е да се продолжи со вакцинација, но и со поголем опфат на населението. Вакцинацијата мора да биде масовна и да се искористи летниот период за создавање на што поголем колективен имунитет кај населението, што би довеле до тоа спремни да го дочекаме новиот бран на делта-сојот на есен“ додаде тој.
Како што посочи, потребно е власта да каже и како планира да обезбеди нови вакцини. Тој побара од власта да кажат до каде се најавените купени 800.000 вакцини од „Фајзер“ и 200.000 вакцини Спутник, кои како што известуваа ги нарачале, а еве веќе 4 месеци ни трага ни глас од нив, порача Зафировски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

