Македонија
(Видео) Зголемено полициско присуство околу судот пред изрекувањето на пресудата за крвавиот четврток
Пред Кривичниот суд во Скопје, каде што во 12 часот треба да биде изречена пресудата за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, забележливо е зголемено полициско обезбедување. Во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи се појави иницијатива за протест пред судот поради пресудата на обвинетите.
Од 11 часот пред судот почнаа да се собираат граѓани. Пред почетокот на рочиштето се очекува нивниот број да се зголеми.
Во судењето за крвавиот четврток 17 лица се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок поради што им се заканува казна затвор од минимум десет години. По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски.
Обвинети во предметот останаа: Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Чентo, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски – Кољо и Александар Василевски – Нинџа.
За обвинетиот Сашо Марковски постапката се води раздвоено поради нарушената здравствена состојба. Обвинетиот ексдиректор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, ќе биде донесен од затворот „Скопје“ бидејќи кривичниот совет му определи 30-дневен притвор по барање на Обвинителството поради опасност од бегство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 15 февруари трае трката за „Млад инженер на годината“: повик до младите таленти до 35 години да се пријават
Инженерската институција на Македонија информира дека повикот за пријавување на инженери за избор за наградата Млад инженер на годината трае до 15.02.2026 година (недела). На овој повик може да се пријават сите млади инженери до 35 години (вклучувајќи и 35 години) на следниот ЛИНК.
Како што потврдуваат од ИМИ, освен возраста, новиот Млад инженер ќе се избира согласно постигнатите инженерски резултати во 2025 година, лидерството и инспирацијата за младите; креативноста и иновативноста; споделувањето знаење, ангажирањето во заедницата и општествено и етичкото влијание на околината.
Свеченото прогласување на новиот млад инженер ќе се одржи на 31.03.2026 година во Холидеј ин. Повод за доделување на признанието е 21 март – Денот на македонските инженери. Целта на оваа иницијатива е да се промовираат младите инженери на национално и меѓународно ниво што ќе придонесе младите луѓе да се насочуваат кон инженерска професија.
Новиот Млад инженер ќе учествува на Европската конференција на млади инженери. Согласно правилата, од сите пријавени кандидати, во потесна селекција ќе бидат избрани 5 лица за кои гласа Комисија на ИМИ и од нив се избира победникот.
Минатата година со ова Признание се закити Филип Попоски од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Партнер на настанот е Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.

