Македонија
(Видео) Играат карти, чепкаат на „Фејсбук“, се нишкаат на фотелјите, читаат вести, прават влези – излези од салата: пратениците на седницата за Уставот
Говорите на собраниската говорница за уставните измени не им го задржаа вниманието на сите пратеници. Некои од нив беа посветени на мобилните телефони. Играње игри, читање вести, допишување, ставање реакции на социјалните мрежи, но и влези – излези од собраниската сала. Некои ги искористија фотелјите и за да се нишаат. Ова беа само дел некои од активностите за време на седницата во нецелите три часа додека траеше.
Пратеникот на Демократската партија на Србите, Иван Стоилковиќ, играше карти на мобилниот додека од говорницата зборуваше координаторот на пратениците од СДСМ, Јован Митрески. Пратеникот Бране Петрушевски читаше што пишуваат медиумите и како известуваат за седницата.
Во редот на СДСМ исто така агрегатите за вести и порталите беа најчестата занимација при слушање на долгите говори. Во ДУИ се правеше муабет помеѓу пратениците и министрите од партијата. Место не го држеше ниту премиерот Димитар Ковачевски, тој излезе од салата за време на говорот на Фадил Зендели по кусиот разговор со министерот за правда, Кренар Лога, кој седеше зад него. Влези – излези правеа и другите владини претставници.
Сето ова се случуваше додека во тек беше седницата на која се дискутираше за отворање на Уставот со цел уставни измени. Таа помина со низа критики од ВМРО-ДПМНЕ, убедување од ДУИ и СДСМ и барања за отстранување на формулацијата „20 отсто“, која се однесува на употреба на јазиците во Македонија, од страна на албанскиот опозициски блок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

