Македонија
(Видео) Итната помош со вклучени сирени утрово протестира за поголема плата заедно со административно-техничкиот персонал
																								
												
												
											Со вклучени сирени возилата на Итната медицинска помош од многу градови во земјата утрово го поддржаа протестот за 30 % поголема плата, нов колективен договор, бенефициран стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1 на 4 % и трансформација на договорите на определено во договори на неопределено време на здравствените работници и за административно-техничкиот персонал.
За време на паузата од 10.30 до 11 часот, здравствените работници во земјата излегоа пред здравствените установи за да искажат револт од игнорантскиот однос на надлежните.

Протестите продолжуваат, кусо изјави Боби Бојчевски од Независниот синдикат
Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравствените работници, во чија организација беше протестот, излезе пред Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

Здравствените работници излегоа пред здравствените установи од 10.30 до 11 часот
„Протестите продолжуваат“, најави Бојчевски и се заблагодари за големиот одѕив на повикот за протест.
Здравствените работници и административно-техничкиот персонал не се задоволни од покачувањето од 10 % и инсистираат Министерството за здравство официјално да одговори на нивните барања, кои се доставени на почетокот на месецот, но сè уште немаат одговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Стартува изградбата на железничкиот тунел кој ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
														Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов ќе го потпишат Догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8.
На потпишувањето кое ќе се случи на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридор 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамки на НАТО Алијансата. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43. сесија на генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.

