Македонија
Каевски: Пописот е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата
Подготвени се сите здравствени протоколи и преземени се сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните што се попишуваат, како и на попишувачите. Пописот е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата, изјави Дарко Каевски, пратеник на СДСМ.
Тој кажа дека преку оваа статистичка операција, конечно, по речиси две децении, ќе добиеме точни информации и податоци каде и како правилно да се насочат финансиите и потребните ресурси.
„Врз основа на овие податоци ќе се креираат мерките за одржлив развој, во здравството, образованието, социјалната заштита, животната средина, бизнис секторот и секаде каде што е потребно. Со пописот добиваме точни информации, каде се потребни нови градинки и училишта, каде е потребен стручен кадар за помош за лица со попреченост, каде се потребни нови болници. Со овие информации ќе се креираат ефикасни инвестициски политики, ќе се добијат точни информации за располагање со работна сила и други податоци клучни за развојните политики“, рече Каевски.
Меѓутоа, додаде тој, пописот е и патриотски чин.
„Патриотски е да си ги кажеш корените. А, тоа го овозможува пописот. Во графите за попис стои Македонци, а добиваат можност да се попишат и сите граѓани, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми, Власи…“, рече Каевски.
Според него, придобивките од пописот се огромни и затоа е потребно обединување, а не бојкотирање на овој важен процес.
„Секој што и мисли добро на државата и што сака таа да се развива и да оди напред, треба да даде максимален придонес и поддршка во овој процес. Затоа ве повикувам на масовен одѕив на пописот, да ја искористите приликата да дадете свој придонес за напредокот на татковината“, рече Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ планира прифаќање мигранти и кредит од 6 милијарди евра
СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ планира прифаќање мигранти и земање кредит од 6 милијарди евра, со кој, како што наведуваат, би се финансирало нивното сместување, исхрана и изградба на социјални станови.
„Со кредитот од 6 милијарди евра да ги плаќаме мигрантите, да ги храниме и да ја плаќаме изградбата на социјални станови за нив. Така изгледа ‘патриотската’ политика на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ истакнуваат дека тие се партијата ја внела Северна Македонија во НАТО со цел зајакнување на безбедноста и заштита на државните граници, додека, според нив, ВМРО-ДПМНЕ со вакви планови ја загрозува безбедноста на државата.
Во соопштението се наведува дека државата, како што тврдат од СДСМ, нема финансиски средства, па би земала кредит што би го враќале идните генерации, со цел сместување на мигранти кои, според нив, други земји од Европската Унија ги депортираат за да ја зачуваат сопствената безбедност.
СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна да обезбеди ниту еден мал прифатен центар, наведувајќи дека мигрантите демолирале таков објект, и изразува сомнеж во можноста за сместување поголем број мигранти во земјата.
Во соопштението се посочува и дека мигранти веќе пристигнале во Албанија и Косово, а се тврди дека следна на ред би била Северна Македонија.
Македонија
Со голема донација во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, Mozzart ја заокружува својата приказна на хуманост за 2025 година
Најубавите дела секогаш се оставаат за крај – токму така компанијата Mozzart ја завршува оваа година, со гест кој носи надеж и светлина. Во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид пристигна вредна донација – современ ортопедски трауматолошки борер, апарат кој ќе ја олесни работата на лекарите и ќе им овозможи на пациентите побрзо и поквалитетно лекување.
„Нашата благодарност кон Mozzart е огромна. Оваа донација е од исклучително значење за нас – апаратот го скратува времето на операциите и го зголемува нивниот квалитет. Со гордост можам да кажам дека добивме една од најсовремените опреми, донација која ретко која компанија би можела да ја обезбеди,“ истакна директорот Харалампие Шокаревски.
Оваа болница, единствена од својот вид во државата, е место каде што доаѓаат пациенти од сите градови. Токму затоа, значењето на донацијата е уште поголемо.
„Горди сме што успеавме да ја реализираме оваа донација во болницата Свети Еразмо. Најубаво е кога годината ја завршуваме со дело кое носи добрина и надеж,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Mozzart ја започна 2025 со хуманост, а ја завршува на ист начин – со срце и грижа за луѓето. Со нови големи проекти, компанијата чекори со сигурност и подготвеност кон 2026 година, носејќи ја истата порака: хуманоста е најголемата победа.
(ПР)
Македонија
Нова истрага за проневера во прилепската болница: благајник украл 15 милиони денари од наплати на шалтер
Постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Проневера во службата.
„Постои основано сомнение дека тој во временскиот период од 01.01.2020 година до 31.12.2021 година, во својство на службено лице – самостоен референт – главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата“, соопшти обвинителството.
Тој во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци „каса-прими“ и истите противправно ги присвоил за себе со што прибавил значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.

