Македонија
(Видео) Каевски: Правдата ги победи белиот дворец и епските криминали на ВМРО-ДПМНЕ
Пресудата за „Талир 2“ е нова потврда за епските граници на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска по судската одлука портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.
Како што рече тој, ова е победа на правдата во еден од најголемите корупциски случаи на ВМРО-ДПМНЕ и воопшто во историјата на правото во државата.
„Со судска пресуда е докажано белиот дворец, вреден речиси 7 милиони евра, е незаконски, криминално стекнат, врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните.
ВМРО-ДППМНЕ ги крадела граѓаните, трупала имот, луксуз и пари на незаконски криминален начин, а граѓаните тонеа во сиромаштија и долгови“, истакна Каевски.
Тој нагласи дека детаљниот урбанистички план трипати бил менуван за ВМРО-ДПМНЕ да добие 12.000 квадратни метри за седиштето, а на местото на станбена зграда да никне хотел.
„По правосилноста на пресудата, белиот дворец треба да се продаде и парите да се вратат онаму каде што припаѓаат, кај оние од кои се одземени, а тоа се граѓаните“, порача партискиот портпарол.
Тој нагласи дека, освен заплена на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, за виновни се прогласени и Никола Груевски и Кирил Божиновски, генерален секретар на партијата во тоа време.
„До ден-денеска Мицкоски не само што се нема оградено од криминалот на својот ментор Никола Груевски туку истиот по секоја цена го брани.
Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е криминална партија и натаму управувана од осуден криминалец, Никола Груевски“, рече Каевски додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ како партија за која е докажано дека криминално го стекнала своето седиште од денеска веќе нема образ да зборува за ништо друго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

