Македонија
(Видео) „Канцерогено општество“: Владата да не ги прекинува мерките против загадувањето
Иницијативата „Канцерогено општество“ повика на мирен протест против загадувањето што ќе се одржи утре со почеток во 13 часот пред Собранието, а ќе заврши пред Владата. Од таму порачаа дека се потребни долгорочни мерки, а не мерки кои удираат по џебот на граѓаните и краткотрајни мерки, како што се на пример бесплатниот јавен превоз, кој трае по најмногу два дена. Повикаа власта и опозицијата да не го злоупотребат протестот и порачаа дека не се поддржани од ниту една партија.
„До сега видовме колку се способни институциите да го решат овој проблем, да се избориме сами за почиста средина. Утре на протестот ќе бидат искажани нашите барања со цел заедно да го смислиме најдоброто и најбрзото решение зошто време немаме“, рече Кристијан Узунов.
Утре пред Собранието, како што рече, ќе ги испорачаат барањата, меѓу кои се свикување итна владина седница, вклучување на експерти и граѓанскиот сектор во контролите на големите загадувачи и продолжување на мерките на градот против загадувањето.
Узунов рече дека инцијативата „Канцерогено општество“ пред 4 години на протести барале итно поставување на филтри на „Железарница“ и рече дека тогаш имале поддршка од мал број луѓе.
„Единствено искуство на инцијативата беше пред 4 години за фабриката ‘Железарница’, се залагавме за итно решавање на филтрите, тогаш имавме поддршка од мал број граѓани, свеста беше мала, седум месеци секојдневно блокиравме улици, но одзивот беше мал и тоа е една од причните зошто сега сме најзагаден град во светот“, рече Узунов.
Во изминативе денови во јавноста се поставија прашања кој стои зад утрешниот протест. Узунов рече дека тие се само загрижени граѓани и дека не се поддржани од ниту една партија.
„Не нè интересира ништо друго освен здрава животна средина“, рече Узунов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

