Македонија
(Видео) Касами со песна „Добредојде во Албанија“ го пречека Курти во Тетово, молчи на прашањата за одговорност
Со песната „Welcome to Albania“ (Добредојде во Албанија), градоначалникот на Тетово Билал Касами му посака добредојде на косовскиот премиер Албин Курти во Тетово. Ова може да се види од спотот кој вчера го објавил на неговиот официјален профил. Додека се прикажуваат кадри од Тетово, пристигнувањето на Курти, веењето албански знамиња, шетањето на Касами, во позадина тече песната стара осум години од тетовскиот бенд „Елита 5“.
Спотот беше објавен скоро четири часа откако „Макфакс“ прв ја објави веста дека знаме со т.н. „голема Албанија“ беше веено во Тетово за време на посетата на Курти, а за што прашања испративме и до Касами. Тој не се извини, ниту даде одговори, туку го сподели видеото.
„Макфакс“ испрати и нови прашања до Касами за тоа зошто со песна „Добредојде во Албанија“ му посакува добредојде на Курти во Тетово, како и дали ќе се извини за овој чин бидејќи од јавноста е сфатен како навреда. Тој како и претходно, не одговори на прашањата. Побаравме став и дали чувствува одговорност. Градоначалникот молчи.
На настанот не беше интонирана државната химна, ниту имаше македонско знаме. За ова, премиерот Димитар Ковачевски, како и претседателот Пендаровски, кажаа дека е кршење на законите и протоколите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 23.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.