Македонија
(Видео) Ковачевски – Борел: Преговорите со Македонија треба да почнат без дополнително одлагање
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жосеп Борел, кој се наоѓа во работна посета на нашата земја, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за разговорите од одржаната средба.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање пред медиумите истакна дека во време на голема нестабилност, која е резултат на воената агресија на Русија врз Украина, како никогаш досега се јавува потребата Европа да биде обединета, силна и целосно подготвена да ги одбрани демократските вредности на чии темели е изградена.
„Северна Македонија, како членка на НАТО и земја кандидат уште од првите денови на конфликтот ја постави својата позиција во линија на своите сојузници од ЕУ, САД и НАТО. Силно ја осудивме воената агресија на Русија врз Украина и ги активиравме санкциите кон Руската Федерација“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски.
Тој додаде дека денес сме сведоци на воена агресија во која веќе премногу недолжни луѓе, меѓу кои и деца ги изгубија своите животи и кога над 2.5 милиони Украинци се веќе бегалци и ги напуштиле своите домови.
„Во овој контекст, Европската Унија и сите земји членки треба да делуваат стратешки и храбро и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија“, рече на прес-конференцијата премиерот Ковачевски и потенцираше дека единствено Европа која е целосно обединета може да е силна Европа.
„Од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално да се вклучат бидејќи проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Брзата интеграција на Северна Македонија и регионот ќе обезбеди стабилност, но и развој на Европа. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски уште додаде дека Владата останува посветена на реформите и реформските процеси, врзани пред сè со владеењето на правото, борбата против корупцијата и демократското владеење, како и на работата за поскоро закрепнување од економската криза за којашто се очекува зајакната финансиска поддршка од Европската Унија, со што дополнително ќе се овозможи забрзана енергетската и дигиталната трансформација.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел, на прес-конференцијата истакна дека Република Северна Македонија се покажа како одговорен член на меѓународната заедница во придружувањето на осудата на воената агресија на Украина.
Тој дополни дека Северна Македонија и Западен Балкан останува во врвот на стратешките приоритети на ЕУ и дека тој и Европската комисијата ќе направат сѐ што е неопходно членството на земјата во ЕУ да биде реалност колку што може поскоро.
Борел информираше дека Европската комисија подготвува мерки од Европскиот инвестициски план за Западен Балкан за поддршка на енергетската диверзификација и намалување на зависноста, како соодветен одговор на економските последици со кои сите ние се соочуваме, а се предизвикани од војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

