Економија
(Видео) Ковачевски: Инвестирани над една милијарда евра во изградба на патната инфраструктура
Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министрите за транспорт и врски и за локална самоуправа, Благој Бочварски и Горан Милевски, како и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид на регионалниот пат Р1202, делница Маврови Анови-Жировница. На увидот присуствуваа граѓани на овој крај, изведувачите, градоначалникот на општина Маврово и Ростуште, Медат Куртовски, како и Самир Ајдини, директор на Националниот парк „Маврово“.
Делницата Маврови Анови-Жировница е во должина од 18,5 км, инвестиција вредна 6,18 милиони евра, а реализацијата во моментот е 60%.
„Станува збор за највредниот инфраструктурен зафат во општината Маврово Ростуше. Трасата на оваа делница всушност е продолжение на веќе рехабилитираната делница Бунец–Маврови Анови. Овој патен правец ги поврзува населените места Ново Село-Бунец-Маврови Анови-Жировница-Ростуше-Бошков Мост-Дебар-Блато па до границата со Република Албанија. Вкупната должина на патот изнесува околу 61 km. Неговата улога во сообраќајната мрежа е патно поврзување на западниот регион од нашата земја, поточно Гостивар и Дебар, како стопански седишта во овој дел на државата. На оваа релација овој пат со својот најголем дел поминува низ националниот парк ‘Маврово’, кој заедно со реканскиот дел е многу значаен регион, за развој на туризмот, како и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Нашиот примарен фокус е да обезбедиме подобри услови во патната инфраструктура, со цел да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот. Изминативе години во западниот регион од кој е дел и општината Маврово и Ростуше работевме на изградба на квалитетна патна мрежа и во таа насока завршивме неколку значајни инфраструктурни проекти во регионот, како што е целосна рехабилитација на патот од Гостивар до Стража и Кичево, извршивме рехабилитација на патните правци Маврово-Никифорово, Бунец-Маврови Анови, а моментално се работи и тука на патот до Жировница“, изјави Ковачевски и ја потенцираше важноста од довршување на патните Коридори 8 и 10 кои се крвотокот на поврзување на нашата земја со земјите од регионот и пошироко.
Премиерот Ковачевски подвлече дека изградбата на патиштата е приоритет.
„Развиена инфраструктура значи развој на економијата во земјава. Затоа и во услови на најголема криза ние инвестираме во инфраструктурни проекти. Градиме по план, од 2017 година досега изградени и обновени преку 1.000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава. Остануваме посветени на реализација на мерките што обезбедуваат развој и унапредување на инфраструктурата. Со овие инвестиции граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата“, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски додаде дека градежната офанзива продолжува со силна динамика и насекаде низ државата и дека Владата покажа решителност и со преземање навремени мерки обезбеден е континуитет на сите проекти.
„Важно е капиталните инвестиции да продолжат да се реализираат бидејќи градежништвото претставува мотор на економијата, а тоа е повеќе од значајно во овие времиња на светска економска криза, чии последици ги чувствуваме и во нашата држава. Економскиот бенефит кој го носи модерната инфраструктура, регионалното поврзување со соседите, безбедното патување, зголемената размена на стоки и услуги, веќе ја чувствуваме. Градежништвото мора да го одржиме на патот на закрепнување, остануваме партнери со сите градежни компании и продолжуваме да работиме на зацврстување на домашната економија и подобри услови за граѓаните“, рече Бочварски.
Директорот Рустеми истакна дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика, а овој пат е од суштинско значење за граѓаните како во регионот, така и во целата земја.
„Со проектот за рехабилитација на Маврови Анови-Жировница предвидено е да се изведат повеќе градежни зафати како што е нова коловозна конструкција, санација на осумте мостови, изведба на нови потпорни ѕидови бидејќи сите сме сведоци на честите одрони на оваа делница и други работи со кои ќе се подобри безбедноста на делницата. Во моментов интензивно се работи на повеќе точки на патната делница, а се извршуваат и асфалтерски работи. Безбедноста на државните патишта е наш приоритет и затоа очекуваме Изведувачот на работите JV “ISA 2000 – PELAGONIJA”, од Гостивар квалитетно и навремено да ја заврши доверената работа. Надзорен орган над работите е ГИМ заедно со ЕВРО консалтинг и ИРД инженеринг“, рече Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.