Македонија
(Видео) Ковачевски од Гренада: По долго време, на агендата на ЕУ е проширувањето
Претседателот на Владата ,Димитар Ковачевски, на третиот самит на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, ја истакна важноста на овој трет самит во однос на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и регионот.
„Тука се практично претставниците на сите земји од Европа, без Русија и Белорусија. Една од главните теми што е од најголемо значење за нас е и проширувањето на ЕУ. Вие знаете дека по долго време, на агендата на ЕУ е проширувањето. Ќе разговараме нормално и на теми што се однесуваат на дигитализацијата и на воведувањето на вештачката интелигенција сè со цел да се подобрат услугите за граѓаните и тоа ќе биде една од работните средби на кои јас ќе учествувам заедно со премиерите на Франција, на Италија, на Обединетото Кралство, на низа други, на претставникот на Европскиот парламент, на Европската комисија.
Исто така, значајно е што утре ќе биде одржан и неформален состанок на Европскиот совет, на кој ќе се разговара токму на прашања што се значајни за нас, а тоа се, пред сè, мирот и безбедноста во Европа, поддршката на Украина, но и проширувањето на Европската Унија. Како што најави и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред повеќе од еден месец, веќе во рамките на ЕУ се води дебата во однос на подготовката на ЕУ за прием на нови членки, од една страна, и процесите за пристапување што самите земји членки ги имаат со Европската Унија, од друга.
Ние мислам дека се наоѓаме во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги почнавме преговорите со ЕУ. Од друга страна, ЕУ има стратешки интерес и веќе отворен процес за свое приспособување, кое е паралелен процес во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со земји што имаат поголем број од сегашниот, што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред сè, мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на приспособување на функционирањето на повеќе земји членки.
Веќе им е јасно на сите дека Германија и Франција имаат изработено работен документ, кој се однесува на тие стратешки промени што треба да се направат. Јас тоа не можам да го коментирам во моментот бидејќи се работи за работен документ што не е финален и затоа ќе оставам тие разговараат за него иако го имам видено и сметам дека тоа што стои во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите во регионот.
Се надевам на успешни состаноци, ќе имам и билатерална средба со премиерот на Холандија, премиерот на Ирска и со потпретседателот на Европската комисија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

