Македонија
(Видео) Ковачевски: Пред нас е можноста за членство во ЕУ до 2030 година
По отворените преговори, пред нас е можноста за членство во ЕУ до 2030 година. Ова го истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој се обрати на почетокот на шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Македонија и Европската Унија, што почна и се одржува денеска во Скопје.
Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со годинешнот состанок претседава Македонија, односно претседателот на Владата, Ковачевски, а копретседавач од страната на Европската Унија е високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
„Овој состанок на Советот има историска димензија бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со почнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија и како членка на НАТО. Владата што ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и фазата на отворање на пристапните приговори и да овозможиме динамизирање на преговорите“, порача премиерот Ковачевски.
Ковачевски рече дека Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи, особено во делот на владеењето на правото и дека продолжува посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи преку развивањето дијалог базиран на меѓусебно почитување во духот на европските вредности.
„Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел – Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во Европската Унија до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека бруталната инвазија на Русија врз Украина длабоко ja промени геополитичкaта реалност и нашата држава веднаш и недвосмислено се приклучи кон едногласната осуда на Европската Унија и меѓународните партнери за неоправданата и неиспровоцираат агресија врз суверена земја и во согласност со своите можности даде хуманитарна, воена и дипломатска помош.
„Република Северна Македонија се приклучи кон сите рестриктивни мерки што ЕУ ги воведе кон Руската Федерација вклучувајќи ги и воведените во 2014 година како резултат на анексијата на Крим, со што направивме 100-процентно усогласување со позициите на ЕУ во доменот на заедничката надворешна и безбедносна политика. Со овој чекор ја реафирмиравме својата посветеност кон споделувањето на европските вредности и принципи, врз кои се базира надворешната политика на Европската Унија, потврдувајќи го партнерството со ЕУ и стратешката европска ориентација“, рече во обраќањето премиерот Ковачевски.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), која стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи сè до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Во делегацијата на Македонија се и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во делегацијата на Европската Унија учествуваат и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

