Македонија
(Видео) Ковачевски: Oбединети сме во заложбите да се спречи понатамошно кршење на човековите права во Украина
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, се обрати на Самитот на Меѓународната платформа за Крим, пред претседателот на Украина, Володимир Зеленски, премиерот на Украина, Денис Шмигал, претседателот на украинскиот Парламент, Руслан Стефанчук, претставници од Крим, лидери на земјите учеснички во иницијативата Меѓународна Кримска платформа и лидери на држави и влади на земји членки на НАТО, како и на ЕУ, меѓу кои претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Канада, Џастин Трудо, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претставници од други држави од светот.
„ Тука сум да ја потврдам силната и недвосмислена поддршка од Република Северна Македонија: на обединувачкиот карактер на Украина, на нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, како и на неповредливоста на нејзините граници“, порача премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека со учеството на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на основачкиот самит на Кримската платформа, лани, на овој датум, Северна Македонија јасно и без задршка ја реафирмираше заземената позиција на страната на заштитата на меѓународното хуманитарно право, со заложба за почитување на нормите коишто ги штитат човековите права, предвидени во резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации и во одлуките на други меѓународни организации.
„ Руската агресија врз Украина е недозволиво кршење на меѓународното право. Воените напади врз Украина од страна на Руската Федерација и злосторствата од руски сили врз цивилното население, најостро ги осудуваме. Република Северна Македонија, затоа се постави стопроцентно на линија на политиките на Европската Унија, во однос на војната во Украина и се приклучивме на сите рестриктивни мерки и санкции кон Руската Федерација. Придружувањето кон активностите и политики на ЕУ и на демократскиот свет, за нас значи застанување на вистинската страна – во вистински момент“, оцени премиерот Ковачевски.
Тој констатираше дека година по основањето Меѓународната Кримска платформа, којашто има за цел да ја зголеми ефективноста на меѓународниот одговор кон тековната окупација на Крим и на таквите намери и кон други делови на Украина, се покажуваат исправни обединетите напори да се застане заеднички на патот на растечките безбедносни закани, за коишто сите сме свесни дека може да заземат непосакувани размери и затоа е добро што продолжуваат обединетите напори за нивно спречување. Оваа платформа, додаде премиерот, е резултат на тие обединети напори, но и на солидарноста меѓу членките на Европската Унија и на НАТО и добро што е правилно сфатена пораката на демократскиот свет.
„ Да, заедно сме и обединети и во заложбите да се спречи понатамошно кршење на човековите права во Украина, со цел заштита на украинскиот народ и на Украина, од окупацискиот режим.
Ова покажување сила, на една географски поголема држава, врз една географски помала држава, определена да споделува демократски вредности, е опасен и недозволив пример, што не смее да стане пракса. Пушките и тенковите мора да останат во историјата. Дипломатијата и пенкалата се средствата за разбирање на дијалошките маси во 21 век, бидејќи, да мирот е најмоќното оружје на човештвото“, укажа премиерот Ковачевски.
Тој нагласи дека прекинот на војната во Украина нема да ги врати жртвите, но прекинот на војната – ден порано, ќе спречи нови жртви. Исто така, ќе даде шанса за рехабилитација на економиите, а тоа е неопходно и е очекување на граѓаните од политичките раководства.
„ Затоа, Република Северна Македонија, како членка и иден претседавач со ОБСЕ, останува целосно ангажирана кон поддршката на напорите – мултилатерализмот да го надмине милитаризмот. Како премиер на Република Северна Македонија би сакал да потврдам дека ние остануваме посветени на поддршката на Украина и украинскиот народ и во оваа прилика се придружувам на повиците кон Руската Федерација да ја запре веднаш неиспровоцираната и неоправдана инвазија и да се воздржи од понатамошни воени дејствија во цела Украина. Иднината на светот зависи од тоа што го прави денес, а светот – тоа сме сите ние, тоа се сите држави, без исклучок!“, порача премиерот Ковачевски.
На вториот Самит на Меѓународната платформа за Крим, покрај премиерот Ковачевски учествуваа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

