Македонија
(Видео) Ковачки: Вистинскиот газда во Владата е ДУИ, а не СДС и Ковачевски
Според пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, СДС свесно лаже кога вели дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени.
Тоа е така, вели тој, затоа што се фатени во предавство на националните и државните интереси и се против вистинска интеграција на државата.
Ковачевски треба јасно да одговори кој предлог го избира од ВМРО-ДПМНЕ, додава Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Првиот е преодна влада, без ДУИ, и измени, што ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ.
Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада, без ДУИ, поддржана од опозицијата.
Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство, каде што ќе ги заштитиме националните интереси.
Ако СДС не ги прифати двете понуди од ВМРО-ДПМНЕ, значи дека има скриени намери да преговара на сметка на идентитетот и ќе прифати нешто во тек на преговорите, кое ќе го доуништи македонскиот идентитет. СДС сега треба да ги покаже своите вистински намери“, додава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дали е заложник на ДУИ поради меѓусебни корупциски зделки?
Дали планира да го уништи македонскиот идентитет менувајќи го Уставот сега и оставајќи простор во тек на преговорите со ЕУ, Бугарија да нè блокира секогаш кога сака и со тоа да ја принудува Македонија да си го уништи целосно својот идентитет?, прашува тој.
За понудата на Бујар Османи, во која вели дека го отстапува местото Албанец премиер на ВМРО-ДПМНЕ, одговорот на Ковачки е дека ова е најјасен доказ оти вистинскиот газда во Владата е ДУИ, а не СДС и Ковачевски. И, второ, ДУИ оди во опозиција и не е во состојба да поставува услови. Единствената сила, која дава и зема власт, не е Османи, не е ниту ДУИ, туку народот на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, се обрати на 133-тата сесија на комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур, при што ја истакна улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.
„Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од разна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите членки, ја носиме одговорноста за неговата ефикасност“, истакна Османи.
На 75-годишнината од постоење, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото, рече Османи и го поздрави денешното усвојување на рамковната Конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.
„Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ, при решавање на заедничките проблеми, е од особено значење“, додаде Османи.
За време на престојот во Стразбур, Османи ќе оствари и многубројни средби со свои колеги од разни земји.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.