Македонија
(Видео) Ковачки: За учество во мировна мисија се дава мито од 3.500 евра, а за прием на професионален војник 5.000 евра
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на денешната собраниска Комисија за одбрана обвини дека за учество во мировна мисија се давало мито од 3.500 евра, а за прием на професионален војник 5.000 евра и тоа, како што истакна тој, едната линија е преку лица до владејачкиот СДС, а другата е преку ДУИ.
„Ова се работи што ги кажувам и не ги зборувам напамет, јас имам и конкретни имиња и кога зборуваме за давање мито, сега споменав 3.500 евра. Знам и една сума што се дава на курсот за професионални војници, односно за подофицери и за приемот на професионални војници, и таа сума е 5.000 евра. И знаеме на кои лица им се дава и ова не го зборувам напамет и не го кажувам само тукутака. За ова предупредуваме подолг временски период, јас дури и на ‘Фејсбук’ напишав дека имало тепачка претходниот викенд, во делот на приемот на подофицери имате ситуација каде што луѓе аплицирале на тој курс за подофицери, се издава наредба на почетокот на курсот за подофицери во понеделник, меѓутоа списокот сѐ уште не е дефиниран. И списокот се дефинира во недела, луѓето не се известени бидејќи се прават дополнителни политички процени, односно кои луѓе треба да бидат пишани на тој курс, односно луѓе што дале по 5.000 евра. Ова го зборувам со целиот мој кредибилитет што го имам во Армијата на Република Македонија. Така што да знаете и вие кој ги зема парите. Има една линија што оди преку СДС и друга што оди преку ДУИ“, порача Ковачки.
Ковачки потенцира дека одговорност за ова ќе има бидејќи тука се конкретните имиња, но ќе ги предаде на надлежните институции на прогон во истиот момент кога ќе бидат ослободени од канџите на власт бидејќи, како што рече, дури и вчерашниот избор на новиот јавен обвинител е на предлог на владејачката коалиција СДС и ДУИ.
„И, сега, ако сакате конкретни имиња, ќе одиме и со тоа, меѓутоа пред надлежните институции тогаш кога ќе бидат ослободени. Затоа што во моментот тие институции не се ослободени и сѐ што ќе се даде таму, знаете дека ќе биде забошотено. И тоа можете многу добро да го согледате од моментот кога вчера го избраа новиот јавен обвинител, кој е ваш предлог. Кај кого да пријавиме ние сега, кај тој новиот обвинител за гонење организиран криминал?“, праша Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дафина Стојановска итно да си поднесе оставка – пратеничката функција е сосема спротивно од ова што таа го демонстрира“, велат од Левица
Левица бара итна оставка од пратеничката од редовите на ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од гостиварско, „која очигледно и веќе во неколку наврати не ја разбира функцијата која ја обавува и мандатот кој и е доверен од граѓаните“.
„Објавувањето снимка во која се појавуваат малолетните деца на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува особено тежок морален и институционален пад за носител на јавна функција. Кога пратеник свесно користи материјал произлезен од следење на синдикален претставник и тоа го пласира во јавноста како средство за дискредитација, станува збор за злоупотреба на мандатот и грубо деградирање на парламентарната функција“, велат од Левица.
„Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија.
Наместо извинување и повлекување, денес гледаме дополнителна вмровска дрскост! Ем шуто, ем боде. По извршениот чин, се обидуваат да ја релативизираат одговорноста и да глумат жртви, навредувајќи ја интелигенцијата на народот.
Дафина Стојаноска, пратеничка која години наназад е симбол на политичка привилегираност, која цел круг на фамилија го има вдомено во државните институции, со шест стана, меѓу кои и четири во Скопје, а сепак со енормни патни трошоци кои ги наплатува од државната каса – денес си дозволува да таргетира синдикалист кој бара повисоки плати за работниците! Токму тој јаз меѓу комфорот на отуѓената вмровска елита и секојдневната борба на граѓаните ја разголува суштината на проблемот – привилегирана класа која паразитира од јавни средства, а се пресметува со оние што бараат достоинствен живот.
Токму затоа, нејзината одлука да таргетира синдикален лидер кој се бори за повисоки работнички плати ја прави уште понедостојна за функцијата. Таа не ги брани интересите на граѓаните, туку активно учествува во кампања против нивното организирање.
Нема никакво оправдување за објавените снимки од малолетни деца во нејзината налудничава пресметка. Нема никакво оправдување за користење илегално снимени материјали кои очигледно произлегуваат од организирано демнење и следење. Нема никакво оправдување за вакво однесување од носител на јавна функција, кое ги помина сите граници на пристојноста и е чисто кривично дело!
Пратеник кој свесно ги преминува границите на приватност, пристојност и интима – очигледно не си ја разбира обврската како народен претставник, па не ни заслужува да седи во законодавниот дом. Пратеничката функција треба да е сосема спротивно од ова што го демонстрира Дафина Стојаноска!
Оставката на Дафина Стојаноска е чин што барем минимално би го ублажил овој скандал и срам за Собранието“, се вели во соопштението на Левица.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.

