Македонија
(Видео) Кога општеството потфрла, кучето Бен му помага на момчето со церебрална парализа
Ова не е само сторија за куче што помага на болен човек.
Ова е сторија за две суштества чии животи се надополнуваат.
35-годишниот Александар боледува од церебрална парализа. Пред пет години, не можејќи да се справи со последиците од болеста, тој запаѓа во психичка криза.
Тогаш во неговиот живот влегува Бен, двомесечен лабрадор, кој поминува низ специјална дресура за да им помага на лица со попреченост.
Му ги носи патиките кога треба да одат на прошетка. Ја носи кесата кога одат да пазаруваат. Со часови си играат со топка. Оди до него трениран да го штити и да ги препознава бариерите.
А бариери има многу.
Почнувајќи од непристапниот терен по скопските улици, неприспособени за лица што се движат со количка, до неможноста да влезе во која било институција со куче придружник, преку погледите на луѓето што не може да ја разберат природната конекција меѓу куче и човек на кој му треба помош.
„Бен фактички е како човек. Да не ги навредам персоналните асистенти, но Бен му е персонален асистент на Александар“, вели Зоран Велески, татко на Александар.
На прашањето дали неговиот син може да влезе со кучето помошник во некоја од македонските институции, тој одговара:
„Тешко“, додавајќи дека во Европа секаде е дозволено да се влезе со куче, во ресторани, кина, маркети, а кај нас на кучето придружник се гледа како на ѕвер, луѓето се плашат.
Кучето му помага на младиот Александар подобро да се справи со тешката дијагноза, но државата замижува. Финансиската помош е мала, нема центри каде што тој може да престојува преку ден, а голем дел од лековите семејството ги купува приватно.
„Има луѓе со церебрална парализа кои може да работат, еве Александар работи на компјутер. Државата треба да поведе сметка за тие лица што може да работат“, вели таткото на Александар.
А додека да се случи тоа, светла точка во животот на момчето што постојано се смее е неговото семејство, каде што посебно место зазема Бен – кучето чија единствена мисија е да го чува, заштити и расположи својот газда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

