Македонија
(Видео) Костовски: Антиевропската агенда на Мицкоски не е македонска, глас за Европа е глас за сигурна иднина
Со своите последни изјави Христијан Мицкоски како да ја оправдува досегашната блокада од Бугарија. Мицкоски под заложништво на Димитар Апасиев прави сè за да ја оддалечи државата од ЕУ. Мицкоски треба да знае дека нема европска и македонска агенда, европската агенда е и македонска агенда, стратешка определба на огромното мнозинство македонски граѓани, вели Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
„Секој што сака да ја извади Македонија од европската агенда одработува за туѓи интереси и не им мисли добро на граѓаните. Секој што дејствува против стратешката цел за членство во ЕУ работи и против македонскиот јазик во ЕУ, работи против повисок економски стандард, пристап до нови фондови и повеќе можности за граѓаните. Мицкоски и ДПМНЕ со своите изјави и постапки го прават токму тоа“, додава пратеникот.
Според него, од ВМРО-ДПМНЕ еднаш велат дека се потребни уставни измени, потоа се против, потоа велат дека се на европскиот пат, за веднаш потоа да кажат дека имале поинаква агенда од европската, а што е стратешка определба на македонското општество.
Уставните измени, како што оценува, се последната шанса Мицкоски и ДПМНЕ да се престројат на страната на интересите на граѓаните и државата и да докажат дека навистина се за членство на државата во ЕУ.
„Глас за Европа е глас за подобра, посигурна и постабилна македонска иднина, затоа сите пратеници треба да дадат поддршка за усвојување на уставните измени, со кои се забрзува процесот на интеграција во ЕУ“, истакнува Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

