Македонија
(Видео) Костовски: Ќе реализираме сè што ветуваме, нова поликлиника, полициска станица, противпожарен центар, олимписки центар во Бутел
Нашата општина Бутел веќе 4 години сериозно назадува, СДСМ и актуелниот градоначалник не реализираа буквално ништо од тоа што го ветија, ветуваа нова поликлиника, полициска станица, противпожарен пункт, плоштади, паркови, градинки, училишта, спортски комплекси, гасификација, канализациски мрежи и водовод онаму каде што нема, ветуваа отчетност и транспарентност, додека, пак, во реалноста добивме лаги, манипулации и најнедостапна општинска администрација во историјата на општина Бутел, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите ние сме сведоци на кој начин се води нашата општина последниве четири години, од таму и не би сакал премногу да се задржувам на таа класична управувачка неспособност којашто за два месеца ќе биде минато. Она што сакам да го истакнам е мотивот, визијата и желбата којашто постои во мене и мојот тим за модерна, просперитетна и безбедна општина Бутел, општина со нов модерен лик, општина којашто ќе добие целосна трансформација и ќе биде носечка во градот Скопје.
Имавме чест да ги консултираме граѓаните на општина Бутел, нашите стручни тимови заедно со реалните потреби на граѓаните создаваат визија којашто ќе биде преточена во предизборна програма, за која даваме збор дека ќе биде целосно реализирана“, рече Костовски.
Тој најави дека во наредните четири години Бутел ќе има сосема нов лик, со нова модерна поликлиника, нова полициска станица и противпожарен пункт, со модерен плоштад, ќе има ултра модерен олимписки спортски центар, паркови и детски катчиња, нови градинки и училишта, целосна канализациска мрежа во Кучевачка Бара и Бел Камен, нова водоводна мрежа во Љубанци и Љуботен.
Костовски ги повика граѓаните без разлика на вера и етничка припадност, без разлика на партиска припадност, да бидат дел од, како што рече, новата победничка генерација којашто ќе донесе целосна трансформација на Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

