Македонија
(Видео) Кузеска: Влада составена само за лични интереси е логично да се распаѓа
По неполна година од формирање на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таа почнува да се распаѓа. Тоа е директна потврда на она што граѓаните го чувствуваат секој ден, дека Владата на Христијан Мицкоски е нефункционална, деструктивна и целосно заглавена во сопствени интереси, истакна на прес-конференција Богхданка Кузеска, портпаролка на СДСМ:
За неполна година, вели таа, оваа Влада почнува да се распаѓа, затоа што е составена само за да задоволи лични апетити.
Коалицијата, оценува Кузеска, полека се ситни, затоа што нема ни причина да постои, ништо не ја држи заедно освен функциите.
„Граѓаните немаат никаква добивка од оваа власт. Сведоци сме на катастрофални економски резултати, нула реформи, распад на институции и понижување на државата на меѓународна сцена. Мицкоски е премиер без насока, ја води државата како да е приватна компанија, фокусирана само на тоа кој каде ќе се вдоми и што ќе земе. Владата не ја води со визија и храброст, туку со калкулантски однос за секое важно прашање. Јасно е дека нема лидерство и одлучност во оваа Влада.
Нема ни трага од ветената ефикасност. Народот живее сè потешко, цените растат, платите тапкаат во место, а Владата троши милиони за луксуз и гоштевања. Додека работниците молат за повисока минимална плата, народните пари одат на папаја, манго, бејби-биф, октоподи. Додека граѓаните се борат да преживеат месец за месец, Владата живее на висока нога, како да сме во економски бум“.
На локално ниво, состојбата, додава Кузеска, е уште пострашна.
Според неа, општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се расадници на корупција. Градоначалниците, како што појаснува се фокусирани на местење тендери, не на решавање на проблемите.
„Улици не се поправаат, училишта пропаѓаат, а јавните услуги се во хаос. Граѓаните се оставени сами, системот е глув и слеп за реалните проблеми. Партнерите си заминуваат а граѓаните се во апатија затоа што гледаат дека оваа влада нема капацитет. Никој не треба да биде соучесник и дел пропаѓањето на државата во провалија кон која не води Мицкоски. Сите што остануваат со Мицкоски се дел од истиот проблем. Свесно ја поддржуваат штетната насока и ја носат истата одговорност.
Ова е Влада без систем, без план, без резултати. Единствено што функционира во оваа влада се личните интереси“.
Државата, како што вели Кузеска, не може да се води така. Според неа, граѓаните не можат вечно да трпат заради туѓи договори, туѓи сметки и туѓи амбиции. Ова, додава, е момент за соочување со политичката вистина: Македонија нема време за експерименти, нема простор за играње држава. Потребна ни е функционална, одговорна и сериозна власт.
СДСМ, како што нагласи, ќе продолжи да биде гласот на разумот и одговорноста.
„И оваа власт, како и сите што се градат врз лаги и интереси, ќе падне. Прашње е само колку штета уште ќе направат дотогаш“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

