Македонија
(Видео) Кузеска: “Стоп за дезинформации” е најава за засилување на борбата против лажните вести
„ Стоп за дезинформациите” е еден од 10 приоритети во стратешката владина рамка “Акција 21” – за европски стандарди дома. СДСМ како одговорна партија целосно е посветена на спроведување активности за спротивставување на дезинформации, лажни вести со што ќе се спречат штетите коишто му ги нанесуваат на нашето општество, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„ Во рамки на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата, во периодот пред нас, ќе има засилени активности, широки консултации со медиумските работници и со граѓанскиот сектор, и уште посериозна, поинтенивна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и сите други форми на хибридни закани против демократијата.
Со овој План изработен е и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, којшто за време на ковид кризата изминатата година, значително придонесе во сузбивањето на лажните вести кои во огромен број беа пласиран преку медиуми со сомнително финансирање и блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ .
Такви тенденции се препознаваат и денес со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19, се со цел да се предизвика недоверба кај граѓаните, несигурност и паника, и секако, да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата против пандемијата.
Ваквите обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекери, а на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентен пристап до релевантни извори и информации , со цел креирање објективни медиумски содржини кои се од јавен интерес.
Јавниот интерес мора да се штити, граѓаните треба и мора да бидат целосно точно и навремено информирани за начините на заштита од КОВИД, вклучително и за процесот на вакцинација. Лажните вести се директен удар врз демократијата. Тие мора да се препознаат, да се посочат, разобличат и целосно да се сузбијат. Токму затоа е важна и образовната реформа за воведување на медиумска и дигитална писменост во основното образование.
Завршена е и процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО на полето на сајбер одбраната. Овој Меморандум ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади. Нашата држава има голема поддршка од стратешките партнери во борбата против лажни вести и дезинформации, кои го напаѓаат целиот свет.
Целосно посветени, Северна Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија и заедно со партнерите од ЕУ и НАТО, соодветно ќе возврати на оваа штетна појава“ истакна Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

