Македонија
(Видео) Кумановката Филиповиќ возела невнимателно и не застанала на пешачки кога го прегази пешакот кај мостот „Гоце Делчев“, сведочеше вештак
Невнимателно управување на возилото, според вештакот Перо Стефановски, е основната причина поради која кумановката Гордана Филиповиќ смртно прегази пешак на обележан пешачки премин во близина на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје минатата година. На денешното судење вештакот Ристовски во вкрстено испрашување одговараше за наодите по анализата на несреќата.
„Во овој случај невнимателно управување на патничкото моторно возило ‘бмв’ од возачот претставува основна причина за случување на незгодата. Врз основа на извршената анализа не најдов прекршок на пешакот, кој би бил причина за незгодата. Тој се движел правилно. Како што налага законот, на место на кое е дозволено да се движи и во ниту еден момент не прекршил ниту една законска одредба што се однесува на неговото учество во сообраќајот. Во конкретните околности, при наближување кон обележан пешачки премин, возачот требало да се движи внимателно, да ги приспособи брзината и начинот на движење на околностите, да запре пред пешачкиот премин и да го пропушти пешакот, а дури потоа внимателно го продолжи движењето. Во овој случај возилото не запрело на обележаното место“, рече вештакот Стефановски, кој сведочеше и дека на местото на несреќата имало соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација за пешачкиот премин.
Вештакот Стефановски објасни дека на фотографиите и снимките од несреќата се забележува „бело возило со товар на покривот“, кое постапило правилно, односно запрело да го пропушти пешакот што се движел по обележаниот пешачки премин.
На ова имаше забелешки одбраната.
„Тој не видел, ова му е пикнато во уста“, рече Љубомир Михајловски, адвокат на обвинетата Филиповиќ, укажувајќи дека вештакот го правел вештачењето врз основа на фотографии од интернет приложени во наодот.
На тоа вештакот одговори со објаснување дека направил увид во документацијата со фотографии и снимки во Обвинителството, а фотографиите што ги ставил во наодот се само за илустрација.

„Врз основа на извршената анализа не најдов прекршок на пешакот кој би бил причина за незгодата“, рече вештакот Перо Стеановски
Адвокатот Михајловски неколкупати се обиде да му постави директни прашања на вештакот, кои судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ не дозволи да бидат одговорени во денешното вкрстено испрашување.
Михајловски го праша вештакот со колкава брзина се движел пешакот оти во наодот стоело релативно бавно, на што доби одговор дека пешакот се движел со брзина од 2,5 километри на час и растојанието од тротоарот до местото на ударот го поминал за 11,5 секунди, што се утврдува од табели во литературата според возраста и полот. Адвокатот го праша вештакот и дали направил или видел вештачење што ќе потврди дека трагите од гумите на асфалтот се токму од автомобилот на Филиповиќ, а тој одговори дека работел врз основа на документацијата од увидот, каде што било наведено дека трагите се од возилото на Филиповиќ.
Адвокатот се интересира и за висината на возилото застанато на пешачкиот премин, кое, според вештакот, не било повисоко од 180 сантиметри, а товарот на покривот не бил повеќе од 30 до 40 сантиметри.
Последното прашање на Михајловски беше дали, според законот, му било дозволено на пешакот да ја преминува улицата од лево на десно, на што вештакот рече дека е дозволено пешаците да се движат од лево кон десно.
Со одговорот како е дозволено да се движат пешаците на пешачки премин заврши испрашувањето на вештакот, а судијката даде пауза по која одбраната најави дека на видеобим ќе презентира свое вештачење.
Филиповиќ го прегази 76-годишниот пешак Слободан Ангеловски лани во јануари. Судењата почнаа годинава. Филиповиќ се изјасни дека не чувствува вина, а нејзината одбраната најави дека ќе докаже оти најголем придонес за несреќата има покојниот.
Обвинетата Филиповиќ е мајка на 17-годишната Јелена, која пред три години загина во сообраќајна незгода, а возачот доби казна затвор од 7,5 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Македонија
Тошковски објави нови детали за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство пред полицијата, сопругот имал криминално досие и со дрога и имотни деликти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови детали за вчерашната трагедија во Карпош, во која загинаа мајка и дете.
Како што рече, вчера, на 2 март 2026 година околу 14 часот, случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од зграда, по што полицијата веднаш излегла на терен. Министерот посочи дека на настанот претходела пријава. Во 12:05 часот имало пријава и бил извршен разговор со Ивана. Таа, според министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која, како што рече Тошковски, починатата ја потпишала.
„Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа“, изјави министерот, додавајќи дека МВР ќе ги утврди фактите, вклучително и дали изјавата дадена тој ден била под присила.
Тошковски соопшти дека лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и дека ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во однос на неговото минато, министерот изнесе детали дека во изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави за дела поврзани со насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Според податоците што ги соопшти, кај него во еден од случаите биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава, а по барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост.
Тошковски рече дека најголем број од предметите поврзани со семејно насилство се затвораат затоа што жртвата се повлекува.
„Треба максимум да сториме да ги охрабриме жртвите да пријават и случаите да бидат процесуирани до крај“, рече Тошковски.
Тој најави дека Министерството ќе се фокусира максимално на секој ваков кривично-правен настан, особено кога се констатираат видливи физички повреди, при што, како што посочи, треба да се разгледа можноста жртвата да не може да се повлече од пријавата доколку се утврдат такви повреди.
„Ако жртвата повторно се повлече, полицијата ќе има проблем за докажување. Но ако се ангажираат центрите и се охрабрат граѓаните да зборуваат гласно и јавно, нема да има вакви ситуации“, изјави Тошковски, додавајќи дека не тврди оти полицијата постапила совршено, и дека истрагата ќе се спроведе максимално во детали за да се утврди што точно се случило.
Додаде и дека отсега секој што ќе биде посочен дека е сторирел на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица.
Македонија
(Видео) Зајкова: Уште колку жени ќе убие молкот?
„Росица, Кате, Марија. Жени кои претходно барале помош. Жени чии пријави останале без соодветна реакција. Жени кои денес ги нема. Прашањето е едноставно и болно: Колку жени уби молкот?“, прашува претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.
Ова не се изолирани случаи, вели Зајкова и дополнува дека ова е образец на институционално непостапување и систем што реагира по трагедија, наместо по пријава.
„Кога постојат пријави за насилство, а нема навремена и ефикасна реакција, одговорноста не може да биде апстрактна. Затоа официјално ќе поднесам барање за отворање надзорна расправа во Собранието за институционалното непостапување во случаи на пријавено семејно насилство. Јавноста има право да знае зошто институциите молчеле, кој не постапил и дали биле преземени сите законски мерки за заштита“, вели во својата изјава Зајкова.
Претседателката на ЛДП потенцира дека дополнително, повторно ќе го достави Законот за воведување електронска нараквица за следење на сторителите на семејно и родово базирано насилство.
„Овој механизам не е политичко прашање, туку прашање на безбедност и превенција. Одбивањето без аргументи значи преземање ризик за нови трагедии. Ќе побарам и: воведување задолжителна процена на ризик во сите пријавени случаи, итни и привремени заштитни мерки без бирократски одлагања и утврдување лична одговорност таму каде што имало институционален пропуст“, вели Зајкова.
Животот на жените не смее да зависи од административна проценка или одложена постапка. Институциите постојат за да штитат, не за да молчат.
„Ова прашање нема да остане на едно обраќање. Ќе следуваат конкретни иницијативи, законски предлози и парламентарен притисок сè додека системот не почне да функционира како што му налага законот – навремено, одговорно и во интерес на заштитата на жртвите“, заклучува претседателката Зајкова во својата изјава.

