Македонија
(Видео) Лефков: Пресудата за пожарот во модуларната болница е доказ дека судството е политизирано
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, пресудата за пожарот во тетовската модуларна болница, во која животот го изгубија 14 наши сограѓани, е доказ колку судството е под притисок на власта. Одлуките, оценува тој, се носат зависно од тоа дали лицето кое е предмет на постапката е блиско до власта или не.
„Наместо индивидуална кривична одговорност, се сѐ сведе на кабелот, а директорите на болницата Флорим Бесим, братот на министерот за финансии од ДУИ и Артан Етеми, и двајцата кадри на ДУИ добија условна казна од 18 месеци. Тие нема да влезат во затвор, ако во период од 18 месеци не сторат друго кривично дело. Оваа пресуда е и доказ како ДУИ се грижи за Албанците и за Македонците, кога од другата страна се нивните функционери. ДУИ ниту се грижи за Албанците, ниту за Македонците, туку само за своите функционери“, истакна Лефков.
Секогаш кога во прашање се луѓе од власта особено од ДУИ и СДС, вината, според него, е секаде, само не во нив. Не може 14 луѓе, дополнува Лефков, живи да изгорат во објект на Министерството за здравство, а никој за тоа да не е одговорен, па да се даваат бледи изговори дека кабелот е крив. Луѓе бегаа во страв и паника, цели семејства беа во солзи, а вчера судството на ДУИ и СДС им кажа дека кога одговорност треба да сносат нивни кадри, таа нема да ја има.
„Кај 14 фамилии не стигна правдата за своите најмили, кои очекуваа барем крајна разрешница, во која се знае кои се виновниците и истите да бидат казнети. Со СДС и ДУИ нема одговорност, нема правда. Случајот со пожарот во модуларната болница не е единствен случај во кој нема одговорност за луѓето од власта. Истиот принцип на неказнивост на функционерите на СДС и ДУИ се виде и кај случаите на Ден Дончев, Рашковски, Лидија Димова и многу други, кои беа фатени во криминал, а денес се шетаат слободно“, рече тој.
Потенцира дека и во овие случаи, и во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, одговорност ќе има. Никој нема право да биде над законот, само затоа што им служи на Ковачевски и на Ахмети, дециден е Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демократски сојуз предлага платите на полицајците да бидат колку оние на обвинителите и судиите
Демократски сојуз на сите полицајци и припадници на службите за безбедност, им го честита 7 Мај, ДЕНОТ НА ПОЛИЦИЈАТА и им посакува успешно извршување на сложените безбедносни задачи.
Празникот се совпаѓа и со изборите за претседател на државата и за пратеници, каде за жал, како што велат од патијата, улогата на полицијата е клучна за обезбедување стабилност и услови за мирни и фер избори.
„Овие денови се клучни за да спречите нерегуларности, притисоци, купување на гласови, организирање на „Бугарски воз“ или нарушување на изборниот процес на кој било начин (насилство итн). Инаку полицијата и службите за безбедност извршуваат тешки, одговорни и сложени безбедносни задачи, но последните години се со ниски примања. Така, главен оперативец задолжен за спречување и откривање на тешки кривични дела прима плата од околу 45 илјади денари, а јавен обвинител околу 130 илјади денари“, додаваат од партијата на Павле Трајанов.
Предлагаат двојно зголемување на платите на полицијата и нивно усогласување со платите на обвинителите и судиите.
Македонија
Мисајловски: На 8 мај да ставиме печат на историската победа
Преубава и позитивна кампања, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во втората изборна единица Владо Мисајловски за изборната кампања.
Мисајловски истакна дека во првиот круг, на 24 април, направиле голема историја, па ги повика сите граѓани повторно да им ја дадат поддршката.
-Ве поканувам сите на 8 мај да ни дадете поддршка на сите нас. Поддршка за Гордана Силјановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ за една историска огромна победа. Победа за сите граѓани, за поголеми пензии и плати, за проекти насекаде во сите општини, нагласи Мисајловски.
Посочи дека секој еден граѓани заслужува Македонија да биде горда и на секој од нас.
-Да ставиме печат на оваа историска победа, да се мобилизираме сите заеднички, да излеземе сите на 8 мај, да направиме еден голем резултат за успешни проекти, потенцираше Мисајловски.
Македонија
Го поддржав Пендаровски во минатиот мандат, но истата грешка нема да ја повторам, вели Димитриевски
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа прес конференција на која, претседателот на Движењето, Максим Димитриевски, ги реафирмираше државните приоритети на партијата, преточени во програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“.
Тој рече дека воделе скромна и позитивна кампања преку која ги промовирале конкретните мерки од програмата.
„Наша оценка е дека ги исполнивме целите на кампањата и дека мерките од нашата изборна програма „Проглас за достоинствена Македонија“ ги пренесовме до сите граѓани на Македонија кои ги препознаваат нашите конзистентни политики. Денеска сакам уште еднаш да ги реафирмирам државните приоритети на Движењето ЗНАМ За наша Македонија:
I). Движењето ЗНАМ За наша Македонија смета дека врвен државен приоритет е на овие избори да се избере Претседател на Македонија. Ги повикуваме сите граѓани масовно, во што поголем број да излезат на гласање и својот глас да го дадат за кандидатот по свое убедување.
II). Приоритети на Движењето ЗНАМ За наша Македонија за отпочнување на разговори за формирање и функционирање на идната Влада во мандатот 2024-2028 година се :
1. Дефинирање на македонските национални црвени линии на патот кон евроинтегративните процеси. Заштита на јазикот, историјата, идентитетот, културното наследство во сите фази на преговорите. Парламентот да усвои Декларација за националните македонски црвени линии.
2. Одложена примена на уставните амандмани по приемот на Македонија како полноправна членка на ЕУ, доколку се потребни измени во Уставот на Македонија.
3. Движењето ЗНАМ за наша Македонија нема да партиципира во Влада во која ДУИ би била коалиционен партнер.
4. Правда за сите, нулта корупција и борба против организираниот криминал. Незастарување на делата за криминал и корупција. Враќање на укинатите одредби од Кривичниот законик и
зголемување на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања со казна затвор од минимум 10 години.
5. Македонија да биде една изборна единица.
6. Македонија треба да ја градиме како држава со мултиетничко општество со еднакви права и обврски на сите граѓани кон државата.
Да се отфрли наметнатиот наратив од албанскиот политички фактор дека Македонија треба да биде биетничка држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства.
7. Македонија да ја направиме самоодржлива држава. Мораме самите да си обезбедиме енергија, сами да ја произведуваме храната за нашите потреби“.
Врз основа на претходно добиените гласови и анализите во партијата, Димитриевски вели дека очекуваат бројката што ја постигнале на претседателските избори да се потврди и истата да се зголеми.
„Колкав ќе биде бројот на пратеници не можеме да претпоставиме, бидејќи треба да се пресмета и одѕивот. Очекуваме поголем одѕив од страна на граѓаните на претстојните парламентарни избори, но како и да е, поддршката на Двиежењето ЗНАМ – За наша Македонија на претстојните праламентрани избори е поддршка од граѓаните за граѓаните и ние ќе се ставиме во функција и во коалиција со граѓаните на Македонија“, вели тој.
На прашањето дали ќе коалицираат со ВМРО – ДПМНЕ и со коалицијата ВЛЕН, Димитриевски рече дека до овој момент, најодговорно тврди дека ниту еден претставник на Движење ЗНАМ – За наша Македонија нема водено никакви разговори по основ на било какви можни коалиции со било кој политички субјект.
„ За жал ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања, но не успеаја да се надминат себе си и штитејќи ги своите лични интереси, всушност во залог ја ставија социјалдемократијата, а се повикаа на наводно своја социјалдемократија, со што не одбија и нас и граѓаните.
Дополнително, немаме разговарано ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со друг политички субјект во државата. Ќе ги почекаме изборните резултати. Во рамките на органите и телата на партијата ќе ги донесеме сите наши понатамошни одлуки. Ние не трчаме по власта, ние трчаме по граѓанската поддршка. Движење ЗНАМ се роди од граѓаните, ќе работи со граѓаните и за граѓаните. И нашиот концепт е јасен – Македонија мора да биде стабилна, просперитетна држава, во којашто младите луѓе ќе ја најдат својата иднина“, вели ДИмитриевски.
Запрашан дали би влегле во влада во која ќе бидат договорени уставни измени Димитриевски одговори дека нивниот став по тоа прашање е јасен и јасно кажан што се однесува до соработка во владата и во кој состав на влада би соработувале.
„Ние посакуваме, доколку бидеме дел од идната влада, да имаме и албански партнер којшто ќе ги прифати овие услови. Во спротивно Мкаедонија е унитарна, независна и самостоја држава којашто ги носи одлуките врз основа на законот и уставот. Имам веќе кажано дека се она што значи мнозинство од 61 пратеник плус е формирање на влада“.
На констатацијата дека лично дал поддршка за Гордана Силјановска, а сега повикува на гласање по сопствено убедување, Димитриевски одговори:
„Јас никогаш немам до сега изјавено нешто поразлично од ова што го кажав денеска. Тоа што одредени медиуми го лиферуваа, или поединци го разбираат како одреден став и кажување, тоа е нивни став и нема да го коментирам. Мојот став е јасен. На 20 јули 2022 година имав јавно извинување кон граѓаните за мојата поддршка на Стево Пендаровски во минатиот мандат и дека таа грешка нема да ја повторам. Но тоа е мој личен издвоен став. Што се однесува до гласањето на граѓаните, симпатизерите и членовите на ЗНАМ, ние сме демократска партија и согласно таквата демократија што владее во партијата, ги повикувам граѓаните по сопствено убедување да се произнесат за оној кандидат за кој сметаат дека ја заслужува нивната доверба. Приоритет на Македонија е да се избере претседател на државата. Затоа повикувам на што помасовен одѕив, како и поддршка на Движењето ЗНАМ за наша Македонија на парламентарните избори за Македонија да тргне по нов пат“.