Македонија
(Видео) Локвенец: ВМРО-ДПМНЕ го покажа лажниот патриотизам кога не гласаше за законот за одбрана
СДСМ уште еднаш покажа што значат одговорност, храброст и работа во интерес на државата. Го оствариме тридеценискиот стремеж да станемe членка на НАТО. Државата да биде слободна, демократска, економски напредна, со ценета и почитувана армија. Собранието го изгласа законот за одбрана, кој е од голема важност за членството во НАТО бидејќи во него е вграден принципот на колективна одбрана, рече Хари Локвенец од СДСМ.
„По три децении нам сонот ни станува стварност, единствено ВМРО-ДПМНЕ и извршителот на Груевски, Христијан Мицкоски, не може и не сакаат да го видат тоа. Лажниот патриотизам и лицемерството на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш испливаа на површина кога во Собранието, пратениците на опозициската партија не гласаа за законот за одбрана, наводно поради променетото име.
Од друга страна, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаа проблем со уставното име кога се носеше Законот за служба во Армијата. Немаат проблем ниту кога земаат плати или учествуваат на состанок на европските народни партии. Извршителот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ самите потврдија дека не им пречи уставното име Република Северна Македонија, туку им пречи прогресот на државата, нејзиното членство во НАТО.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат што да им понудат на граѓаните, освен лажен патриотизам, блокади и деструкции, чекор назад кон меѓународна изолација и заробена држава. Нашето полноправно членство во НАТО е прашање на денови, а не месеци или недели. Собранието го ратификува северноатлантскиот договор и стаса веста дека шпанскиот парламент ја прифати брзата лента за ратификација на нашиот протокол.
Тоа значи дека земјата е безбедна, границите се обезбедени, а граѓаните може да се чувствуваат сигурно и да ги очекуваат придобивките од членството во НАТО – поголеми инвестиции, повеќе нови работни места, повисоки плати. Граѓаните сакаат да живеат во европска и просперитетна држава и затоа на 12 април, ќе ги поддржат политиките на СДСМ, кои отсекогаш биле насочени исклучиво во интерес на граѓаните и државата.
Нема враќање назад кон изолација и неизвесност. Тие еден чекор назад, ние три напред“, порача Локвенец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

