Македонија
(Видео) Луѓе умираа пред наши очи, целите беа во крв, сведочат жители на Ласкарци
Жителите на село Ласкарци синоќа беспоштедно излегоа да спасат тoа што може да се спаси од автобуската несреќа на автопатот Скопје – Тетово. Иако несебично се дадоа во спасувањето, велат не се чувствуваат како херои бидејќи е човечки да се помогне на оној кој е во неволја.
Кога стигнавме на местото на несреќата видовме ужасна слика. Некои луѓе беа исфрлени надвор од превртениот автобус. Со нив почнавме да ги извлекуваме останатите кои беа под автобусот. Имаше луѓе кои ги гледавме под автобусот, бараа помош, но не можевме да им пријдеме. Едно лице почина пред наши очи, а ние не можевме ништо да направиме. Сите бараа помош, не знаевме кому прво да му помогнеме, вели Весел Шабани, еден од жителите на Ласкарци кои ги вадеа крвавите тела од автобусот на „Дурмо турс“.
Во извлекувањето учествувале и братучедите Рами и Меќани Деари, кои за време на несреќата се наоѓале во џамијата што е на стотина метри од автопатот Скопје – Тетово. Тие пред камерата на „Макфакс“ велат дека сè уште се во шок од вчерашниот настан. Велат дека сликите што им останале во глава ги држеле цела ноќ будни.
„Бевме во џамија. Слушнавме некаков звук, видовме дека автобус излета од автопатот и веднаш дотрчавме. Во автобусот имаше млади луѓе од 20 до 30 години, кои бараа помош. Син ми со уште други двајца влезе под автобусот и почнаа да ги извлекуваат луѓето. Имаше 7 лица починати на лице место, не успеавме да ги извадиме, беа заглавени“, сведочи Рами Деари.
Како што велат жителите на Ласкарци, од голема помош бил багерот кој од Желино пристигнал пред брзата помош. Според нив, багерот го подигнал автобусот, што било пресудно да се спасат повеќе животи бидејќи биле минути во прашање.
„Багерот дојде побрзо од брзата помош. Можеа да се видат само делови од телата. Само глава или рака, а од половина надолу беа под автобусот. Го подигна автобусот и извадивме четворица, кои беа тешко повредени, но сè уште живи. Телата кои беа на задната страна од автобусот, каде што стои моторот, не можевме да ги извадиме и веќе беа починати“, сведочи Меќани Деари.
Извлекувањето продолжило со помош на механизацијата и работници од локалните фирми, кои исто така помогнале жртвите да бидат транспортирани до болниците.
„Дојдоа вработени од една фирма што се наоѓа во близина, донесоа брусилка за сечење. Сечеа делови од автобусот за да ги извадиме луѓето. Неколку луѓе излетаа од автобусот, тие викаа ‘помош, помош’, бараа вода, целите беа во крв. Беше страшно“, вели Деари.
Жителите на Ласкарци и денеска беа на нозе. Раскажувајќи го вчерашниот немил настан, помагаа при изнесувањето на распаднатиот автобус од местото на несреќата.
Виктор Јованов и Габриела Димковиќ-Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Веднаш да се активира „Безбеден град“ за наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје, бараат од Зелен хуман град
Од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град предупредуваат дека веќе со месеци се множат објавите за исфрлање кучиња од други градови во Скопје. Со нив, како што посочуваат, се множат и немилите снимки од несакани интеракции животно-човек.
Нема да биде првпат, според Зелен хуман град, да се креира вештачки проблем со носење кучиња од други градови, создавање немир и револт кај населението за после да „пројде“ масовна еутаназија како „решение“.
„Бевме сведоци на дискусија во комисијата за комунални работи на Град Скопје каде што од претставник на актуелното градско раководство се нафрли терминот „еутаназија“.
Не сме заборавиле дека Комунална хигиена во времето на Коце Трајановски масовно и симултано труеше низ сите скопски општини. Фрлаа отров накај 3 или 4 сабајле и како војска во 5 или 6 поминуваа и собираа лешеви. Не беа само бездомните кучиња, сите памтиме како умираа и домашни миленици во тие дивјачки хајки! Нема погадна смрт од смртта од отров!
Бараме веднаш да се активира Безбеден град во функција на наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје.
Бараме ригорозно и неселективно казнување на сите што ќе бидат фатени дека го прават ова!
Бараме поддршка од вас, драги сограѓани, ако забележите исфрлање кучиња од возило снимајте и фотографирајте со јасно фаќање на регистарските таблици, но од безбедна оддалеченост“.
Од Зелен хуман град потсетуваат како што велат дека актуелното раководство во Град Скопје ги елиминираше сите до еден активисти од управниот и надзорниот одбор на Лајка и ги замени со партиски номинации што немаат допирна точка со стратегии за хумана контрола на бездомни животни.
„За сега само директорката на Лајка е единствената останата активистка на раководна функција со моќ за одлучување во претпријатието.
Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња како што варварски се правело во минатото, за 6 месеци пак ќе бидат полни улиците со бездомни кучиња и нови на пат. Неодговорни сопственици се проблемот, непостоечки/премали казни, како и што напуштањето миленик не е кривично дело“.
Македонија
(Видео) Тренчевска до Дурмиши: Кажувате нема пари за 600 евра плата, а Владата се луксузира со народни пари
Пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешните пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во кое посочи дека за две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа. Тренчевска нагласи дека наместо да ми се помогне на работниците и да им се обезбеди 600 евра минимална плата, власта со парите на граѓаните се луксузира. Во обраќањето Тренчевска го праша министерот Дурмиши дали не се срами како министер кој е одговорен за благосостојбата на работниците да кажува дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека премиерот Мицкоски го користи владиниот авион за летување на Јадранско море, а работниците надвор протестираат за својот егзистенцијален минимум.
„Животот на граѓаните е сведен на преживување. Луксуз е да се живее достоинствено. Луксуз е да се наполни кошничката во маркет со основните прехранбени производи, луксуз е да се платат сметки за струја и комуналии, луксуз е да се оди на годиншен одмор.
За две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од цените расте. Ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби“.
И во ова време кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, кога една третина од месечните трошоци одат само за храна и пијалоци, кога родителите пресметуваат дали ќе има за струја, за школски прибор или за храна, оваа власт, вели Тренчевска, гледа само како повеќе да зграби од граѓаните, за да има повеќе за своите луксузи.
Зборуваме, додава таа, за 600 евра минимална плата за достоинствен живот на работниците, наспроти милионските криминални тендери и луксузирања на власта.
Како што оцени, Ккалитетот на животот на работниците е на дното а владата има обврска да обезбеди достоинствени плати, а не бизнис тендери.
Нагласи дека пари во Буџетот има.
„Ви дадовме предлог од кои ставки да се скрати, за да се обезбеди повисока минимална плата.
Ама треба да си скратите од луксузот, од вашата комфорност на грбот на работниците.
Еве ќе ви повторам – ако скратите 20-30% само од ставките 42 и 43/6 од Буџетот, за патни трошоци, за репрезентативен материјал, за патување, службени возила итн, ќе обезбедите околу 120 милиони евра.
Ајде, покажете доблест, покажете дека се грижите за работниците. Покажете волја и минимум почит кон оние кои ве гласале и благодарение на кои седите во овие удобни столчиња“.
„Па уште и нов авион ќе купувате, подготвени сте да дадете 300-400 милиони евра за нов авион, за нови туристички патувања и луксузирања, ама не и да ја зголемите минималната плата на 600 евра.
Жално. Немате никакво оправдување за оваа ваша неодговорност, и безобразно трошење на парите на граѓаните. Се се може кога се сака. Два пати го поднесуваме Законот за минимална плата и упорно се инаетите и не го прифаќате.Зошто? Затоа што е од СДСМ? Па сите ние сме избрани за да работиме за доброто на граѓаните.
Вашите први две години од мандадот ќе останат запаметени по криминални тендери и приватни бизниси, луксизирања, папаја, манго, пуста желба за еден нов авион“.
Македонија
Нови измами со лажни сообраќајки по телефон, лажни лекари и полицајци барале илјадници евра
Вчера во СВР Велес биле пријавени шест случаи на обиди за измами. Еден случај е пријавен во СВР Велес од 53-годишна велешанка, која пријавила дека машко лице се јавило на нејзиниот татко и му кажало дека неговата ќерка се здобила со тешки повреди, за што е потребно да се направи операција и побарал да донесе пари за интервенција во болница во Велес.
Останатите пет случаи се пријавени во ОВР Неготино, каде лица на возраст од 69 до 78 години, пријавиле дека машко лице им се јавило, им кажало дека членови на нивните семејства се здобиле со повреди и за да се изврши оперативен зафат потребно е да донесат пари.
Побараните суми достигнувале и до 35.000 евра, а лицето во неколку од случаите се претставувало како лекар или како полициски службеник. На некои од пријавителите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес.
Сите пријавители се посомневале, ги контактирале своите блиски и сфатиле дека се работи за измама.
СВР Велес апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица. Исто така, полициските службеници и во претстојниот период ќе продолжат со засилено темпо да реализираат превентивни активности за заштита од измами, особено за повозрасната популација, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами.

