Македонија
(Видео) Манасиевски: Вработените во Министерството за здравство знаеле дека договорот и анексот на Филипче се коруптивни и криминални, одбивале да ги потпишат
Сите вработени во Министерството за здравство и стручните лица во комисиите знаеле дека Венко Филипче направил криминал во случајот со модуларната болница во Тетово.
Ниедно стручно лице не сакало да се потпише на анексот на Венко Филипче, кој тој го изготвил по пожарот во модуларната болница и по смртта на 14-те лица во Тетово со цел да се спаси од одговорност, рече на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче и СДС, според Манасиевски, ги потцениле вработените во Министерството за здравство, кои одбиле да го потпишат анексот на договорот што го направил Филипче бидејќи во ревизорскиот извештај се констатирани пропусти и противзаконски дејствија.
„Имено, по заминувањето на Филипче од Министерството за здравство, се прави извештај со правно мислење за анексот што Филипче го има потпишано и во него стои дека договорот најитно треба да се раскине, а анексот на Филипче да се прогласи за ништовен со цел да се спречат идни незаконски, правни и фискални импликации.
Лицето што ја обавувало функцијата проектен менаџер не постапило по извештајот на проектната единица и на своја рака продолжувало да комуницира со изведувачот. Истото лице врши притисок да се продолжи реализацијата според основниот договор и да се наплаќа по тие цени, но вработените, свесни дека овој договор е коруптивен и криминален, одбиваат да се потпишат.
По долг период на непостапување, проектниот менаџер не го раскинува договорот и до септември 2022 година не презема ништо – со што го става изведувачот во поволна состојба за поднесување тужба за надомест на штета.
Тогашниот министер Беким Сали бара внатрешен ревизорски извештај, кој е подготвен кон крајот на јануари 2023 година. Тој заминува од Министерството за здравство на почетокот на февруари 2023, а на негово место доаѓа Фатмир Меџити, кој го игнорира извештајот како да не постои.
Министерството, поради тужби за камати, доставува информација до Владата, со која предлага на изведувачот да му се плати спогодбено под услов да се откаже од каматите. Владата носи одлука на 11.7.2023 година, со која се одобрува исплата преку спогодба.
Но, тука е клучниот момент: Никој од проектната единица не сака да ја потпише спогодбата“, нагласува Манасиевски.
Тоа, како што оценува, е затоа што знаат колку е корумпирана и криминална оваа работа, со 20 % провизија, која завршила во нечиј џеб.
Како што додаде Манасиевски, Јавното обвинителство го штити Венко Филипче.
Додаде дека наместо да се отвори постапка против Филипче, целиот овој процес стои во некоја фиока и не се постапува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

