Македонија
(Видео) Манасиевски: Милион евра од државата за само 2 месеци потрошило СЈО, Заев и Шекеринска специјални гости кај Катица Јанева, СЈО функционирало како штаб на СДС
Сведоштвата на поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу, ги потврдува сомнежите и тезите на ВМРО-ДПМНЕ кој уште пред приближно 10-тина години, говореше за партизација на СЈО предводено од Катица Јанева, од страна на СДС, Зоран Заев и неговите пајташи, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Згаснатото СЈО, кое сите паметиме како заврши, со пресуда за предводничката на СЈО Катица Јанева од 7 години за земање мито. За жал, СЈО било користено за исполнување на желбите и интересите на СДС и Зоран Заев, кои во тие моменти не бираа начин како да дојдат на власт.
Најчести гости според сведоштвата на Лејла Кадриу, во СЈО на Катица Јанева биле токму Зоран Заев и Радмила Шекеринска, како и советници на Оливер Спасовски. Тие ги носеле прислушуваните разговори, односно таканаречените бомби, во форма на кривична пријава, но како што вели госпоѓа Кадриу, напишани на ливче. Истиве овие ливчиња ги преземале помошниците на Катица Јанева, Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски противзаконски, бидејќи не направиле никаков записник. За да биде јасно на граѓаните, секој можел да земе, донесе или додаде нов документ во секое време. Дополнително, истите овие специјални гости, се обидувале и успевале во обидите да укажат на обвинителите кое лице да биде гонето, а кое да биде изземено од одреден случај. Или во превод, што би рекле и поранешната обвинителка од СЈО, Лејла Кадриу, СЈО било претворено во штаб на СДС“.
Како што истакна, Ристоска и Бубевски, според сведоштвата биле главни и тие биле оние кои го раководеле СЈО во позадина, додека токму Катица Јанева сакала само медиумски да се профилира, поради тоа што била само обичен медиокритет во СЈО.
Исто така, многу важно во работата на СЈО, според него, биле и финансиските средства. „Во 2015 година, односно поточно од 15.10.2015 година Буџетот бил проектиран да секоја година СЈО добива милион евра од државата, а Катица секако ја интересирале само парите, па овие 2,5 месеци до крајот на 2015-та година морале да ги потрошат како што вели Лејла Кадриу за да не ги земе државата назад. Дополнително обвинителите во СЈО, земале по 4.000 евра месечна плата, а срамно и безобразно било тоа што трошеле плус 2.000 евра месечно за кафе, бадеми и лешници“.
Во овој дел, посочува тој, обвинителството треба да го истражи и провери овој случај, каде отишле овие пари за само 2,5 месеци и кој се земал бонуси, додатоци, и колку чинела киријата за местата каде што престојуваше СЈО.
„СЈО со Катица Јанева работело по насока на СДС, Заев и неговите партнери како Венко Филипче, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска. Ним правдата не им била цел, туку профитот, политичкиот прогон и контролата врз државните институции, како и правосудството во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ става крај на ваквата пракса на партизација на судиите и обвинителите. Утре продолжуваме со споделување на нови сведоштва за работата на одредени обвинители и СЈО како целина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

