Македонија
(Видео) Манчевски: Владата организира масовна акција за чистење ѓубре, ќе бидат вклучени 40.000 лица
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција ја претстави одлуката на Владата да организира голема акција за чистење ѓубре, во која учество ќе земат вработените од државните институции.
„В сабота, 14 декември, сите вработени од институциите ќе се приклучат на граѓанската иницијатива ‘Не биди ѓубре’, со мотото ‘Чистиме со ‘Не биди ѓубре”. Акцијата за чистење ќе се одвива на повеќе локации во Скопје, како и во поголемите градови во државата. Во акцијата се очекува да бидат вклучени над 40.000 луѓе. Ова ќе биде масовна акција за чистење, која планираме да стане и традиционална“, информира министерот Манчевски.
На овој начин, како што рече Манчевски, вработените од државните институции ќе помогнат за зачувувањето на животната околина, која е на сите и за сите. На овој начин ќе се подигне и свеста на граѓаните за да успееме да ги зачуваме чисти локациите кога ќе заврши акцијата.
„Со цел успешна организација на оваа акција, на вчерашната седница Владата формира и работна група во која има претставници од: кабинетот на премиерот, Министерството за животна средина и просторно планирање, МИОА, Град Скопје и ЗЕЛС, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈП за одржување и заштита на регионалните и магистралните патишта. Онаму каде што ќе биде потребно, ќе бидат обезбедени и соодветни алат и механизација да помогнат во чистењето“, истакна министерот Манчевски.
Тој ги повика и локалната самоуправа и институциите на општините да ѝ се приклучат на акцијата. На акцијата ќе се приклучат и Делегацијата на Европската Унија и амбасадорот Самоел Жбогар.
Поради природата на работата, вработените од здравствениот и образовниот сектор, градинките, како и оние вработени чија природа на работата не дозволува отсуство од работа, ќе се приклучат на акцијата со тоа што ќе ја чистат околината на установите во кои работат.
На овој начин вработените ќе го надоместат неработењето на 2 јануари 2019, кој беше прогласен за неработен за државните институции. Наместо да одат на работа, вработените на 14 декември, во периодот од 9 до 12 часот, ќе помогнат да се исчистат загадените локации во градовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.
„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.
„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.
„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.
СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.
„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.
По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.
Македонија
Македонското небо се врзува со Сингапур: потпишан стратешки меморандум
Во рамките на престижниот глобален авијациски самит „Changi Aviation Summit 2026“, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски и генералниот директор на Управата за цивилно воздухопловство на Сингапур, Хан Кок Јуан, официјализираа нов, сеопфатен Меморандум за разбирање.
Овој чин, реализиран за време на посетата на Стојаноски како висок делегат на специјална покана од сингапурските власти, означува суштинско унапредување на билатералните односи и директно поврзување на македонскиот воздухопловен сектор со еден од водечките светски авијациски центри.
„Потпишувањето на овој стратешки документ, претставува директна валоризација на новите политики на менаџментот на АЦВ како за меѓународно етаблирање на институцијата така и за забрзување на темпото за што побрза примена на најновите безбедносни стандарди. Со овој чекор се отвора широка рамка за институционален развој преку напредна едукација и специјализирани програми за обука во Сингапурската воздухопловна академија (SAA), која важи за една од најреномираните во светот“, соопшти Министерството за транспорт.
Договорот предвидува директна размена на експертиза и примена на најдобри практики во делот на регулативата, безбедносниот надзор и лиценцирањето, со што македонските воздухопловни власти ќе ги хармонизираат своите капацитети со најстрогите глобални стандарди. Покрај едукативната компонента, Меморандумот има силен регионален и технолошки фокус. Соработката подразбира заедничка реализација на проекти кои не само што ќе го зајакнат домашниот сектор, туку имаат потенцијал да ја позиционираат Македонија како регионален лидер во примената на иновативни решенија во воздушниот сообраќај.
Ова партнерство, како што велат од Министерството, е јасен показател за решителноста на Агенцијата да ги следи и имплементира најсовремените технолошки трендови во меѓународното цивилно воздухопловство.
Во својата изјава, директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, истакна дека овој меморандум ја потврдува посветеноста кон примената на највисоките меѓународни стандарди на ICAO. Тој нагласи дека соработката со глобален лидер како Сингапур овозможува пристап до врвна експертиза со која дополнително ќе се подигне нивото на безбедност и ефикасност на македонското небо.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели и во рок од 45 дена да достават извештај. Како што појаснуваат, контролите се со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.

