Македонија
(Видео) Миланов: Ако истрагите ги преземе друго обвинителство, бомбите не смеат да бидат доказ
Адвокатот Еленко Миланов, по чија претставка одлучуваше Врховниот суд во однос на отворањето нови истраги и обвиненија од страна на СЈО, изјави дека нелегално прислушуваните разговори не смеат да бидат користени како доказ доколку истрагите бидат преземени од страна на друго обвинителство.
„Разговорите како доказ исклучиво беа внесени преку СЈО и овие бомби не можат да бидат користени од страна на ниту едно друго обвинителство доколку предметите и истрагите бидат преземени“, рече Миланов по одлуката на Врховниот суд СЈО да не може да отвора истраги и да поднесува нови обвиненија по рокот од 18 месеци.
По донесената одлука на Врховниот суд, се постави прашањето дали ќе опстане обвинението за случајот „Талир“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со оглед на тоа дека истрагата е започната пред 18 месеци, но обвинението е поднесено по изминувањето на рокот. Ставот на Миланов е дека обвинението не треба да биде прифатено токму поради тоа што обвинението е поднесено по истекувањето на 18 месеци од добивањето на незаконски прислушуваните материјали.
„Тоа што истрагата е отворена пред рокот значи дека тие знаеле и постапувале, не успеале да ја завршат истрагата и одредбата од членот 22 е јасна и децидна- не можат да поднесат обвинение, а така стои во известувањето на Врховниот суд. Оваа одлука важи за случајот ‘Талир 2’, веројатно би требало да важи и за ‘Талир 1’ со тоа што тука е малку проблематично бидејќи треба да се најде правниот основ по кој, во оваа фаза кога е потврдено обвинение кое е донесено од неовластен тужител, не би смеело да продолжи. Сепак, треба да се провери правниот пропис, кој и во која фаза треба да го запре случајот“, вели Миланов.
Во однос на преземањето на предметите од страна на редовното обвинителство, Миланов смета дека е дискутабилно бидејќи за сите дејствија на СЈО по протекот на рокот од 18 месеци не би можеле да се користат докази прибавени на тој начин.
„Специјалното јавно обвинителство согласно законот со кој е основано има овластување да продолжи да ги води сите постапки во кои има поднесено обвиненија заклучно со 30.06. или моментот кога презеле дејствија. Но, тука се појаува уште еден проблем. Во соопштението на Врховен се вели дека се бара кумулативен услов исполнување на 18 месеци од моментот на преземање на материјалите како нелегални разговори и моментот на преземање на предметите. Мора да се види дали обвинението е поднесено во рок од 18 месеци од преземањето на предметот. Во едниот дел мислењето вели преземање материјали и предмети како кумулативен услов, што значи дека и двата услова треба да бидат исполнети пред истекот на рокот од 18 месеци“, вели Миланов.
Врховниот суд одржа oпшта седница зад затворени врати на која донесе начелно правно мислење дека специјалното јавно обвинителство може да поведе обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на бомбите и дека СЈО не е овластен тужител за преземање истраги и предистражни постапки.
Со оваа одлука паднаа истрагите што ги отвори СЈО за видни функционери од поранешната власт, меѓу кои бегалецот Никола Груевски, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистрите Никола Тодоров, Миле Јанакиески и Антонијо Милошоски, ексградоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и вицепремиерот Бујар Османи, бизнисменот Орце Камчев, ексдиректорот на „Телеком“, Жарко Луковски, експратеничката Силвана Бонева и десетици други лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

