Македонија
Врховен ги спасува Ахмети, Османи, Камчев, Ставрески, Милошоски, Бонева
За видни функционери од поранешната власт, меѓу кои бегалецот Никола Груевски, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистрите Никола Тодоров, Миле Јанакиески и Антонијо Милошоски, ексградоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и вицепремиерот Бујар Османи, бизнисменот Орце Камчев, ексдиректорот на „Телеком“, Жарко Луковски, експратеничката Силвана Бонева и десетици други лица, висат истрагите кои ги отвори специјалното јавно обвинителство, по денешното начелно мислење на Врховниот суд.
Освен тоа, неизвесна е судбината на обвиненијата за „Талир“ кои ги поднесе СЈО до кривичниот суд, како и низата предистражни постапки, меѓу кои за купопродажбата на акциите за „Фершпед“, за судијата Владимир Панчевски, за графичкиот центар, стечајот на МПМ, за обновата на албанскиот театар, „Диво Насеље“, случајот со убиството на Мартин Нешковски…
Со тоа паѓа и една од најголемите предистражни постапки што се води во СЈО во последниве години за „Скопје 2014“, која по својот обем и комплексност ги надминуваше сите останати предмети во обвинителството. Предмет на интерес на специјалните јавни обвинители беа спомениците, градбите, постапките за јавни набавки и финансиските импликации од најлуксузниот проект на претходната власт.
Во предистражна постапка е и случајот со агенцијата за обезбедување СГС, зад која, според прислушуваните материјали, се криеше поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Од инфографиците што ги подготви „Макфакс“ можат да се видат сите истражни постапки кои во моментов се водат во СЈО. Врховниот суд на општа седница денеска пресече дека СЈО не може да отвора истраги и да поднесува нови обвиненија по рокот од 18 месеци, по иницијативата на двајцата адвокати Боро Тасевски и Еленко Миланов.
Правниците кои ги консултира „Макфакс“ објаснуваат дека сега дел од истрагите може да ги преземат редовните обвинителства, но без бомбите, бидејќи редовните обвинителства немаат надлежност врз нив.














©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
