Македонија
(Видео) Милошоски: На сомнителен тендер за набавка на томографи Филипче платил 15 милиони денари повеќе
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска на прес-конференција зборуваше за, како што рече, сомнителен тендер кој отвора сомнеж за системска корупција во здравството при набавка на томографи и ги повика надлежните органи да го истражат случајот.
„Набавката на томографи се претвора во нова афера наречена ‘коруптографија’ на министерот за здравство, а се однесува на болниците во Кавадарци и Гевгелија. Она што е драматично забелжливо е што се поништува првиот пат јавната набавка на томографи, се елиминира конкуренцијата од преостанатите 7 фирми преку нарачана интервенција на управата на Бирото за јавни набавки и двете набавки ги добива само една фирма“, посочи Милошоски.
Како што рече тој, разликата е во тоа што првиот пат цената на чинење на тендерите за два томографа е 21 милион денари, а по поништувањето, вториот пат тендерот со томографите и составните елементи чини 36 милиони денари.
„Наместо на Заев и Филипче приоритет да им биде набавката на вакцини во декември минатата година и во февруари годинава, приоритет им била набавката на томографи, поништување тендер и да го добие фирма со зголемена цена од 15 милиони денари. Тоа покажува дека во здравството нема вакцини, но има големи сомнежи за корупција“, истакна претставникот на опозициската партија додавајќи дека сомнежот го зголемува и фактот што фирмата, која на вториот тендер ги добила двата томографа, самата учествувала на првиот тендер со пониски цени.
„Се работи за фирмата ‘Кубус медикал’, која, според јавно достапни информации, во изминатите три години од Министерството за здравство има добиено тендери во висина од речиси 5 милиони евра“, нагласи Милошоски, според кого ова покажува дека во реалните набавки во Владата корупцијата е еден од системите на функционирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

