Македонија
(Видео) Милошоски: Уставен суд да ја поништи уредбата за исплата на пари на СЈО
ВМРО-ДПМНЕ доставиле до Уставниот суд иницијатива за поништување на уредбата со законска сила за исплата на пари за поранешните вработени во специјалното јавно обвинителство, информира Антонијо Милошоски. Тој рече дека очекуваат од Уставниот суд во најкус временски рок да се произнесе.
„Уредбата за исплата на пари на поранешни вработени, службеници, истражители во СЈО нема никаква допирна точка со основата за прогласување вонредна состојба во Република Македонија, а тоа е борба со пандемијата и вирусот Ковид-19 и неговите здравствени и економски последици. Затоа, сметаме дека оваа уредба е незаконита, противуставна и е спротивна на уредбите што Република Македонија ги ратификувала како членка на Советот на Европа. Владата ја злоупотребила вонредната состојба за да исплати пари на поранешни вработени во СЈО, кои се блиски членови на Заев, на Катица Јанева, на поранешни и сегашни обвинители и судии и партиски послушници на актуелната Влада“, рече Милошоски.
Тој вели дека доколку оваа уредба остане во сила, ќе предизвика правна несигурност и ќе предизвика двојно уредување на една иста материја, што е спротивно на членот 8 став 1, односно на челото на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, како и спротивно на членот 51 од Уставот, според кој што сите закони и уредби мора да бидат во согласност со Уставот и другите прописи уредени со Закон.
„Во моменти кога здравствените работници не се доволно опремени, кога болниците кубурат со основни средства за работа и борба против вирусот, во моменти кога имаме сè поголеми редици на нови невработени луѓе кои добиваат откази од мали и средни претпријатија поради економската криза, е навистина големо расипништво да се потрошат два милиона евра за поранешните вработени службеници и истражители во СЈО, кои се блиски до СДСМ“, порача Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“

