Македонија
(Видео) Мисајловски: Најважно за ВМРО-ДПМНЕ се принципите кои мора да постојат во политиката и во општеството
Вчера граѓаните покажаа на чија страна се. Вчера граѓаните покажаа дека се со ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните покажаа дека се за обнова на Македонија. Уште само 12 дена од заминувањето на Зоран Заев од премиерската позиција и уште само три и пол месеци од победата на ВМРО-ДПМНЕ и почетокот на обновата, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
„Времето на политикантите помина. Секој што се огрешил пред законот и пред народот ќе одговара. Во народот владее апатија, разочараност од се до сега што се случуваше. Оваа генерација во ВМРО-ДПМНЕ е поинаква од сите политичари во Македонија до сега. Нема ветување на невозможни работи, но се што ќе се вети, ќе се исполни. ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе инвестира 11 милијарди евра за 4 години во инвестициите, во проектите, во образованието, во здравството и животната средина.
Ќе спроведеме целосна обнова. Во доменот на инфраструктурата ќе реализираме инфраструктурен бум со цел побрз развој на државата, во делот на образованието се обврзуваме барем еден Универзитет да се најде на Шангајската листа, ќе го намалиме загадувањето за 50%, ќе инвестираме во болници, клинички центри и опрема според потребите на граѓаните.
Во земјоделието исто така имаме специјален пакет на мерки, со редовна исплата на субвенции и загарантиран откуп на земјоделските производи. За пензионерите ќе го вратиме стариот модел на пресметка за раст на пензиите два пати годишно. Тоа што им го укина Зоран Заев и Мила Царовска ние ќе го вратиме. Спортот и културата ќе бидат на ниво на државни проекти.
Никој нема да смее да ги рекетира бизнисмените. Секој бизнисмен нека се чувствува слободен да инвестира и да креира нови работни места, а доколку некој се обиде да го рекетира тој бизнисмен, без разлика колку и да е близок на партијата ќе одговара согласно закон.
Ќе спроведеме политика на принципи. Најважно за ВМРО-ДПМНЕ се принципите кои мора да постојат во политиката и во општеството. Македонија ќе има влада и премиер кој ќе и биде лојален. Следува обновата на Македонија“ рече Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Протести во повеќе градови: вработените во Македонска пошта без јануарската плата
Незадоволството меѓу вработените во Македонска пошта не стивнува. Во повеќе градови низ државата денес излегоа на протест оти сè уште не ја зеле јануарската плата.
Претседателот на синдикатот, заедно со вработените, порача дека протестните активности ќе продолжат сè додека не се исплатат заостанатите плати.
Од синдикатот велат дека раководството било навремено информирано дека доколку платата не биде исплатена најдоцна до 15 јануари, протестите ќе почнат без одлагање.
„Наместо одговор, добивме молк“, велат вработените.
Во врска со протестот се огласија и од опозициската СДСМ, од каде што порачаа дека додека работниците немаат за леб, во Пошта се делат милионски тендери.
„СДСМ веќе го објави скандалот, како фирма на советникот од ЗНАМ, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер од Пошта во вредност од 1,2 милиони евра за чистење. Но за овој сканадал со тендерот во Пошта нема никаква реакција од ниту една институција досега. Што се чека?“, велат од партијата.
Засега, од менаџментот на Македонска пошта нема официјален став за причините за доцнењето на платата.
Македонија
СДСМ со пакет амандмани: промена на членот за злоупотреба на службената положба, без рок за конфискација и 48 часа за снимките од „Безбеден град“
Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Како што соопштуваат од партијата, при подготовката на амандманите биле земени предвид аргументите на експертите и на невладините организации изнесени на јавната расправа, како и заложбите на СДСМ за прецизни законски решенија што ќе обезбедат услови за борба против криминалот и корупцијата.
Со амандманите, СДСМ бара измена на членот 353 – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и враќање на решението што важеше пред измените на Кривичниот законик од 2023 година.
„Сегашните измени кај членот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите. Ова мора да се промени“, велат од СДСМ.
Партијата бара и целосно бришење на рокот од пет години за конфискација на имот, наведувајќи дека имот стекнат со криминал мора да се конфискува без разлика кога е украден.
„Правдата и украдените пари на граѓаните не смеат да имаат рок на траење“, додаваат од СДСМ.
Со амандманите се предлага и дигиталните податоци и снимки од системот „Безбеден град“ да се бришат во рок од 48 часа.
„Пристап до нив може да има само и исклучиво со судски налог. Не може да се дозволи МВР да го злоупотребува системот и тој да биде партиски инструмент за следење и уцена на граѓаните“, велат од партијата.
Дополнително, СДСМ бара драстично зголемување на казнената политика за секој што се организира во група за вршење тешки кривични дела, со јасно разграничување и максимални казни за мафијашките структури.
Се предлага и зајакнување на кривично-правната заштита на децата од најтешките форми на експлоатација, при што, како што наведуваат, нема место за компромис или благи казни.
„Покрај овие клучни столбови, СДСМ со амандмани бара и проширување на условите за конфискација, за имотот да не може да се сокрие зад туѓи имиња и параван-фирми“, соопштуваат од партијата.
Македонија
Општина Илинден: За првпат се воведува финансиска поддршка за првачиња
Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, соопштија од општината.
„Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици“.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост, како што појаснуваат, се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. Тоа додаваат од таму, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
„Во рамки на поддршката на млади семејства, општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој“.

