Македонија
(Видео) Митева: ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува барањата на наставниците, Владата итно да изнајде решение
Во целост ја поддржуваме истрајноста на СОНК и во целост ја разбираме секоја одлука што тие ќе донесат, а е во насока на унапредување на статусот на образовниот кадар. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува легитимните барања на наставниците и просветниот кадар, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта залудно ги користи механизмите на уцени и притисоци, штрајкот на СОНК беше најавуван два месеца пред да се почне. Владата, доколку вистински сакаше да најде решение за барањата на просветниот кадар, тоа можеше да го направи уште пред почетокот на штрајкот. Така немаше да има прекин во образовниот процес и немаше да биде на штета на децата. Доколку Владата навистина сакаше образованието да биде организиран и постојан процес на унапредување, немаше да го претвори во ресор на експерименти. Машинеријата на СДСМ и ДУИ ги активира сите можни ресурси во обид да го прекинат штрајкот. Изјавите на поединци од Владата се во спротивност со законите во Македонија. Имено, Владата треба да биде свесна дека штрајкот е уставно право на работниците. Министерот Шаќири и Владата во овој момент продолжуваат да бидат најголемиот прекршувач на правата на работниците и наместо да упатуваат закани кон наставниот кадар, треба да упатат решение и да ги поддржат нивните барања. Во овој случај не станува збор за барање за зголемување на правата, туку правата на наставниците се тотално прекршени!
И, конечно, наставниот кадар праќа силна порака дека и тие се најзначајниот фактор во општеството“, рече Митева.
Таа нагласи дека наставниците се истрајни и дека обидите на Владата за кршење на штрајкот не успеваат. Митева вели дека доколку власта била сериозна во изјавите дека наставата е приоритет, тогаш итно требало да ги прифатат барањата на наставниците. Состојбата е итна и неодложна, наместо притисоци и закани, покачете ги платите на наставниците и ставете крај на прекинот на наставата, порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

