Македонија
(Видео) Митева: Извештајот на ЕК е одраз на реалноста, со власт полна со криминал и корупција Македонија е сè подалеку од ЕУ
„Извештајот на ЕК за 2023 година е доказ дека лажни се изјавите на власта на СДС и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда. Ова е извештај кој е одраз на тажната реалност, одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел назадување во која се наоѓа Македонија. Денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевски, Груби, Маричиќ, Османи ниту другите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките“, рече Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Да одиме со ред: Во Кластерот 1, делот на основите, фундаментите на ЕУ, се забележани низа забелешки, и тоа:
Не е постигнат напредок во текот на извештајниот период, тоа е од минатата година до денес, за да се адресираат и имплементираат исклучителните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венециската комисија. А замислете, го имате Османи, кој не престана да се моделира како прв и единствен претседавач на ОБСЕ и воедно потроши или ќе потроши 1 милион евра за два дена за рент-а-кар возила, а притоа е дел од власта што не ги имплементира препораките од ОБСЕ. Класична хипокризија!
Понатаму, во делот на Собранието – се нотира недостиг на соодветно планирање, прекумерна употреба на брзи процедури, вклучително и несоодветна употреба на европското знаменце. Изречно е наведено дека знамето на ЕУ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување закони, чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања. Во однос на тоа, забележано е дека властите треба да се воздржат од усвојување на ад хок-мерки, кои не се во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди. И тука власта на свое конто ги има безбројните примери, а како последни за потсетување на јавноста се законот за кривична постапка и Законот за игри на среќа.
Дополнително, наведено е дека само ограничен напредок е постигнат за реформа на јавната администрација, каде што се вели, цитирам: И покрај тоа што Македонија го почна процесот пред 5 години, земјата сè уште не ја усвои ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси, која ги вклучува ревидираниот Закон за административните службеници и Законот за вработени во јавниот сектор и нови законски одредби за највисоко ниво на раководството. Пет години власт на СДС и ДУИ и сè уште недонесени суштински и реформски закони.
Фрапантни се и анализите за судството.
Генерално, се вели дека нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права. Внимавајте: во извештајниот период од минатата година до денес нема напредок во областа на судството. Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседател на Судскиот совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание. Усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството доцни. Ова е судството, почитувани, на СДС и ДУИ, кое ќе го отвореа како пупка, ова е судството за кое ветуваа генерален реизбор, а остана најголема рана на општеството и нивна алатка за политиканство наместо за правда.
Во делот за борба против корупцијата – не е постигнат никаков напредок! Извештајот јасно наведува дека корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Нотирано е и зголемување на одложувањата на судењата на случаите на корупција на високо ниво, што резултирало со истекување на рокот на застареност на некои случаи. Јасно потенциран е и Кривичниот законик, кој беше изменет по забрзана собраниска постапка и тоа резултира со попречување на способноста на властите да ги истражуваат и гонат таквите прекршоци во иднина. Дозволете повторно да цитирам: Ова е прашање за сериозна загриженост.
Во делот на слободата на изразување – забележан е лимитиран напредок. И, нормално, сведоци сме на загрижувачки однос кон медиумите и новинарите, Битиќи напушта прес-конференции, а Ковачевски некултурно се потсмева на прашања на новинари.
Најважното од делот за економските критериуми се јавните набавки, каде што се забележува дека властите треба да воведат поефикасни антикорупциски мерки во текот на целиот циклус на набавки. Најскандалозниот договор, кој економски ќе остави трајни последици врз Македонија, е нотиран јасно и прецизно и дозволете повторно да цитирам: Директното доделување на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д предизвикува загриженост бидејќи го ослободува проектот од примена на Законот за јавните набавки. Ова е чист доказ за злоупотребата на јавните набавки за криминалот склучен во 4 очи на сметка на граѓаните.
Извештајот на ЕК покажува и потврдува дека власта, наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратешки погрешни цели. И наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието. Наместо силна реформа, имаме уназадени институции. Наместо напредок, имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори не се штетните договори или промената на Уставот под нечиј диктат, туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда, владее власт заглавена во криминал и корупција!“, изјави Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

