Македонија
(Видео) Митева: Работната група за уставните измени составена од кадри на ДУИ и резервната СДС
Од она што можеше да се чуе како предлог на владата за експерти кои ќе бидат членови во работната група наменета за уставни измени доминира цврстиот впечаток дека овие лица најверојатно се експерти за се, освен за Устав и уставно право, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Во самиот состав може да се забележи една константа на кадри кои гравитираат околу владејачката ДУИ од една страна, и резервната СДС од друга страна. Откако голем број на професори одбија да бидат дел од ова затоа што јасно кажаа дека не се согласуваат да бидат дел од група за која пред се нема консензус и со самото тоа нема цел, имаме ваков разнолик состав.
Имено, од Универзитетот „Кирил и Методиј“ професорката Ана Чупеска е професор по политички науки, а не правник. На листата е и професор по меѓународно право, Елена Михајлова. Буквално, нема ниту еден професор од катедрата по уставно право на УКИМ кој во моментов има 7 професори.
Беса Арифи, е професор по кривично право, и сестра на поранешната градоначалничка на Тетово и висок функционер на ДУИ, Теута Арифи, потоа професор Јагода Митревска, политиколог, која ги следела претежно изборите и партиските процеси, а во едно интервју нагласува дека имала директно искуство од набљудување на изборните кампањи во Руската Федерација, воедно политички активна била во Обединети за Македонија. Професор Марија Пандевска од Институтот за национална историја“ рече Митева.
Колку власта немала избор, според Митева, покажува и враќањето од пензија на родители на партиски функционери и активисти, како што е примерот со Бранко Наумовски, татко на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски од редовите на СДС.
„На листата експерти по мерка на СДС е и Сали Мурати, поранешен претседател на Уставниот суд, кој ги зголеми платите на судии и тогаш изјави дека ваков чекор е потребен под изговор дека судиите се гладни. И во овој состав на работната група уште еднаш се потврдува и се покажува дека СДС и ДУИ немаат поддршка за политиките кои ги спроведуваат. Ниту експертите, професорите и стручната јавност не сакаат да си го оцрнуваат кредибилитетот кој го имаат во општеството со учество во процеси за кои нема национален консензус“, заклучи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

