Македонија
Кисела Вода со бесплатна акција: ќе го собира кабастиот отпад
Како дел од стратегијата за одговорен однос кон граѓаните и заштита на животната средина, Општина Кисела Вода ќе спроведе нова акција за бесплатно подигнување на кабастиот отпад пред домаќинствата или колективните згради, соопштуваат од Општината.
„Во периодот од 3 до 11 мај, во рамките на сите месни и урбани заедници на општина Кисела Вода, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници, кои секојдневно ќе го подигаат кабастиот отпад.
За да се искористи оваа бесплатна услуга, потребно е да се закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427 секој работен ден од 9 до 15 часот во периодот од 26.4.2023 до 2.5.2023.
Граѓаните што ќе сакаат да им биде подигнат и одложен кабастиот отпад треба да го одложат пред својот објект на безбедна локација, со што не би ја загрозиле безбедноста на пешаците, велосипедистите и на другите учесници во сообраќајот, кои ќе се движат во тој период. Потоа нашиот тим за собирање отпад ќе ги подигне предметите во денот што е претходно договорен со службите и ќе го транспортира на локација предвидена за ова намена.
Грижата за нашата општествена заедница мора да биде заедничка. Оттука, апелираме до нашите жители да ја искористат можноста и да бидат дел од уште една акција на Општина Кисела Вода, чија цел е создавање и одржување чиста и здрава животна средина. Повеќе нема простор за изговори бидејќи услугата е бесплатна, а отпадот се подигнува од дома“, додаваат оттаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.