Македонија
((Видео) Митева: Утврдени нерегуларности во ревизорскиот извештај на Гази Баба
Во Општина Гази Баба се утврдени нерегуларности во ревизорскиот извештај за 2019 година. Станува збор за ревизија направена во период од 14.01.2021 до 23.04.2021 година, соопшти на денешната прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Ревизијата во конечниот извештај изразила неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2019 година и имаат дадено мислење со резерва за реалноста и објективноста на прикажаните состојби во финансиските извештаи и со тоа е констатирано дека не се почитуваат законите и прописите, рече Митева.
Во ревизорскиот извештај, според неа, е наведено дека во Општина Гази Баба исплатата на прекувремени часови на вработените се врши врз основа на налог за прекувремена работа и решение на градоначалникот за секое лице поединечно.
„Односно, во периодот од јануари до септември 2021 година на двајца службеници биле издавани наредби за вршење на работа преку полно работно време (прекувремена) работа и тоа првиот службеник 312 часа и вториот службеник 304 часа“, посочи таа.
„Ова постапување на претходниот градоначалник на СДСМ е спротивно на членот 117 став 2 од Законот за работните односи во кој јасно е утврдено дека прекувремената работа може да трае најмногу 190 часа годишно. Согласно информациите, се работи за двајца службеници, за кои ревизијата утврдила дека потребата од прекувремена работа не била пријавена во државниот испекторат на трудот што е спротивно на член 117 од Законот за работни односи“, кажа Митева.
Мислење со резерва или модифицирано мислење во ревизорски извештај, како што посочи, се изразува кога ревизорот не се согласува или не е сигурен со една или повеќе ставки во финансиските извештаи, кои се значајни но не и суштински за разбирање на извештаите.
„Односно, ревизорот доаѓа до заклучок дека погрешните прикажувања, посебно или како целина, се материјални но не преовладуваат до степен кој има влијание врз состојбата изразена во финансиските извештаи во целина и кога ревизорот не е во можност да обезбеди ревизорски докази за да создаде мислење и можните ефекти од ваквата неможност врз финансиските извештаи се материјални. Ова е само еден од многуте примери како се злоупотребувале јавните функции од страна на СДСМ. Заради ваквото раководење со локалната самоуправа, СДСМ ги изгуби изборите“, истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Работници од Индија кои никогаш не виделе снег, за прв пат му се радуваат овде во Македонија
Работниците од Индија кои работат на автопатот Прилеп-Битола и се сместени во кампот на “Бехтел и Енка”, за прв пат гледаат снег во Македонија, па одлично се забавуваа и уживаа во белата покривка.
Македонија
Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.
Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.
„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.
„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.
Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.
„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.
Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.
„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.
Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.
„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.

