Македонија
(Видео) Митрески: Иницијативата на Мицкоски за референдум е спротивна на македонскиот Устав
Иницијативата на Мицкоски за референдум е спротивна на македонскиот Устав и треба да се отфрли, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески.
Уставот како највисок правен акт е јасен: во член 118 јасно предвидува дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, дополни тој.
„Договорот за добрососедство е меѓународен договор и во согласност со Уставот неговото правно дејство не може да се менува со закон. Очигледно е дека Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин спротивно на македонскиот Уставот со единствена цел, само да создава тензии, да го манипулира народот, свесен дека нема да успее.
Кога потонаа сите негови лаги со кои ги лажеше граѓаните, но и сопствените членови во претходниот период, оваа иницијатива беше уште една измама на Мицкоски за спас на сопствената фотелја во белиот дворец и бизнис-интересите на една екипа во неговото опкружување. Иницијативата на Мицкоски е директно насочена кон попречување на патот кон ЕУ, против македонскиот јазик во ЕУ и против заштита на македонскиот идентитет, македонската посебност“, изјави Митрески.
Тој го обвини Мицкоски дека e против ЕУ и против НАТО, дека сака да застанеме, да се вратиме назад во едно време на застој и изолација.
„Почнавме преговори со ЕУ како Македонци, а нашиот македонски јазик влезе во ЕУ и враќање назад од тој пат нема. Нашето членство во НАТО зависи токму од резолуциите и договорите што се ратификувани во македонското Собрание. Некогаш ВМРО-ДПМНЕ беше партија што се грижеше за нашите државни стратешки интереси, гласаше резолуции, декларации за наше членство во ЕУ и НАТО, а денес со ова раководство прават сè да го загрозат членството во НАТО и да го стопираат нашиот европски пат кон ЕУ.
Предлагач на оваа неуставна иницијатива пред граѓаните се токму човекот и партијата што НЕ ГЛАСАШЕ против договорот за добрососедство во Собранието, дури не го удостои ни народот со став во собраниската сала, иако се платени од граѓаните, а сега сакаат пак да се скријат зад народот.
Впрочем, затоа и Мицкоски сакаше да ја префрли одговорноста на граѓаните, а неговите пратеници не гласаа во Собранието. Само бараше и бара алиби за сопствените неуспеси. Затоа, му текна по 5 години да се обидува со измама да оспорува договор, кој патем придонесе за нашето членство во НАТО и за кој тој самиот рече на добар бугарски јазик, го цитирам – ‘поткрепа сè што е добро за двете части’“, рече Митрески.
Според него, во време на најголема економска и енергетска криза, во пресрет на тешка и неизвесна зима, крајно неодговорно и недозволиво е да се потрошат 8 милиони евра за да се спаси Мицкоски.
Можеби Мицкоски и бизнис-групата околу него го прават ова со надеж дека ќе предизвикаат штета и на тој начин ќе дојдат до власт, но овде во прашање се државниот и националниот интерес. СДСМ нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на македонските граѓани, порача Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

