Македонија
(Видео) Мицевски: Владата секоја година си игра со егзистенцијата и чувствата на пазарџиите
Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште еден циркус приреден од страна на Владата. Овој пат тоа беше повлекувањето на Законот за трговија на зелените пазари. Штетноста на овој закон веќе две години ги држи на нозе незадоволните пазарџии, а Владата секоја година си игра со егзистенцијата и чувствата на пазарџиите, вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Законот за трговија на зелените пазари беше донесен од страна на парламентарното мнозинство во јануари 2018 година по скратена постапка и требаше да се применува од почетокот на 2019 година. Во недостиг на консултации со засегнатите страни, односно пазарџиите, но и со пензионерите, тој наиде на негодувања и протести, со што примената на законот беше одложена за почетокот на 2020 година. Ваквото решение беше исклучиво за умилкување од страна на СДСМ за смирување на пазарџиите што протестираа во пресрет на најавените претседателски избори.
Во меѓувреме, на 8 ноември оваа година пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за престанување на важноста на Законот за трговија на зелените пазари и овој закон денес се наоѓа на дневен ред на 123-тата седница на Собранието на Република Македонија. Овој закон го поднесовме бидејќи сакаме најискрено да им помогнеме на пазарџиите, односно да се укине законот, а не да се манипулира со оваа група граѓани во зависност од тоа дали е предизборен период или не, како што тоа го прави Владата предводена од СДСМ и ДУИ.
СДСМ со Законот за трговија на зелените пазари сакаше да им забрани на пензионерите, стечајците и други категории граѓани да не може повеќе да продаваат на зелените пазари во Република Македонија. По повторните реакции на пазарџиите и организаторите на пазари за неприменливоста на вака поставеното законско решение и под притисок на најавениот генерален штрајк на пазарџиите, СДСМ, свесен дека се наоѓа во предизборен период, најавува престанок на важноста на законот посочувајќи ги причините што ВМРО-ДПМНЕ ги говореше уште кога се носеше овој штетен закон.
На овој начин СДСМ уште еднаш покажа дека ниту го интересира да се подобри статусот на пазарџиите ниту сака да им помогнат, туку единствено што го интересира е како да не претрпи штети на предвремените парламентарни избори. Ги повикуваме пратениците од парламентарното мнозинство да го поддржат предлог-законот поднесен од страна на ВМРО-ДПМНЕ за престанок на важноста на Законот за трговија на зелените пазари, кој денес е на дневен ред, а не да чекаат ист ваков закон да биде пратен од страна на Владата, со што ќе докажат дека се борат за интересите на пазарџиите, а не за спроведување на партиските агенди на СДСМ и ДУИ.
Исто така, свесни дека навистина владее хаос во оваа област, бараме да се спроведат длабински анализи, консултации со засегнатите страна и да се направи едно квалитетно и издржливо законско решение, кое нема да има штетни последици за пазарџиите, туку решение што ќе стави ред и стандарди што ѝ прилегаат на една земја која се стреми да биде дел од европското семејство.
Искрено, не веруваме дека СДСМ има капацитет да направи еден ваков квалитетен закон, но среќни сме што оваа сага и циркусот што ги приредува Владата на СДСМ нема да трае уште долго и дека по 12 април, времето на штетни закони ќе заврши“, рече Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.

