Македонија
(Видео) Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе имаат 61 пратеник
„Идниот претседател Гордана Силјановска Давкова победи во сооднос поголем од 2-1 со историска разлика од 183 илјади гласа во однос на нејзиниот против кандидат Стево Пендаровски. Тоа е историски резултат и резултат кој нас не обврзува бидејќи народот со право има големи очекувања и очекува дека идната влада на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да испорача брзи резултати“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар.
Претседателот Мицкоски истакна ветува дека ќе има брзи резултати.
„Од мое име и од името на коалицијата можам да ви ветам дека брзи резултати ќе има, имаме програма наречена Платформа 1198, во таа платформа, во тој документ се содржани решенија за потребите на граѓаните на Македонија бидејќи тие го најдоа своето место во таа изборна програма како резултат на неколку месечна, годишна комуникација која ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја имаше преку организирање трибини, посети лице во лице, разговори. Сето она кое е содржано таму е навистина решение за реалните потреби на секој граѓанин во Македонија“, вели Мицкоски.
Претседателот Мицкоски продолжи и додаде:
„Вистинското прашање е дали некој овде во Демир Хисар видел програма на нашите политички противници и дали некој знае како се вика таа програма на нашите политички противници. Ние веќе ја поминавме Македонија еве веќе 25 ден од оваа кампања и претпоставувам дека нема граѓанин, нема човек во Македонија кој не знае дека ние молиме за поддршка за Македонија да биде повторно горда и твоја. Дали некој знае која е пораката на нашите политички противници освен ако се земе дека сите тие се тепаат да ги искористат двете магични букви ЕУ само тоа“, кажа Мицкоски.
Претседателот Мицкоски истакна дека една работа е сигурна после 8 мај, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ќе имаат 61 пратеник, а Гордана Силјановска Давкова ќе е идниот претседател. Тој упати апел масовно на 8 мај да се излезе и да се заокружи бројот 2.
„Една работа е сигурна после 8 мај, а тоа е дека коалицијата „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник и Гордана Силјановска Давкова е идниот претседател, се останато е лага. Сите оние кои се претставуваат како анти владини опозициски гласови или гласачи или политичари четири дена молчат што ќе ги советуваат гласачите кои во првиот круг го дадоа гласот за нив, што ќе прават во вториот круг на гласање. Ќе излезат да гласаат, нема да излезат да гласаат, ако излезат да гласаат што ќе ги советуваат за кого да гласаат за Стево Пендаровски или за Гордана Силјановска Давкова, ајде да ги слушнеме ајде сите да ги повикаме 4 -5 дена молчите а се претставувате како опозициски кандидати, кажете го вашиот став да го слушнат граѓаните во Македонија да видиме кој е вашиот совет бидејќи сепак неколку десетици илјади луѓе гласаа и за нив“, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првенства на Македонија во шах: за титулата кај мажите има повеќе кандидати, а шахистките на ШК „Алкалоид“ се издвоија во женска конкуренција
На Отвореното првенство на Македонија во шах, кое започна викендов, вчера се одигра четвртото коло. И во него како и во претходните имаше помали изненадувања, со што на табелата се издвоија петмина играчи меѓу првите 10 носители како фаворити за конечен триумф.
Во согласност со правилата за парување според швајцарскиот систем, тие сега започнуваат со меѓусебните дуели и низ директни пресметки ќе го дадат конечниот изглед на табелата.
Она што е интересно да се одбележи е тоа дека речиси во секое коло имаше по некој сензационален резултат. Така, во првото коло младинецот на ШК Алкалоид Матеј Бојковски (1697) успеа да го изненади шестиот носител Антон Златков (2257) со ретко играна варијанта на сицилијанската одбрана, при што успешно ги искористи непрецизностите во играта на противникот, ја препозна шансата што му се укажа и со одлична техника ја финишираше партијата правејќи матна мрежа. Бојковски продолжи со одличната игра и во второто коло, каде што ремизираше со ФМ Љубомир Илиќ (2051).
Меѓу изненадувачките резултати од второто коло треба да се извојат блесоците на ветераните Атанас Ташевски (1955) и Лазо Спасовски (1770), кои во вчерашното четврто коло стигнаа да играат на првата, односно на третата табла. ИМ Емил Ристески (2365), со победата над Спасовски, стигна до максимални 4 бода, додека, пак, ИМ Тони Лазов (2358), по трите победи во низа во четвртото коло, ремизираше со ФМ Андреј Велјаноски (2290) и е веднаш зад него со 3,5 бода.
Шампионот од 2021 година Филип Михов (2225), исто така, има само половина поен помалку од лидерот, откако во третото коло ремизираше со вториот носител ИМ Никола Николовски (2381), а вчера го совлада Дејан Јанков (2165).
Во женска конкуренција се игра посебен турнир со учество на 10 шахистки, кои играат според Бергеровиот систем (секоја против секоја). Паровите беа одредени со ждреб за стартни броеви, па така дел од фаворитките за висок пласман се сретнаа уште во првите рунди.
Во првото коло Жежовска (1868) го доби мечот со Николовска (1905), додека, пак, во второто коло ремизираше со ЖИМ Габриела Коскоска (1993). Во третото коло Леа Ефтовска (1797) ја совлада Жежовска, па на тој начин внесе неизвесност во борбата за првите позиции. Откако по три кола водечка беше Инџи Ајрадиновска (1809), Леа Ефтовска во четвртото коло ја совлада во директен дуел и го презеде врвот со 3,5 бода. Сепак, идентичен скор има и ЖИМ Габриела Коскоска, која во вчерашното четврто коло имаше лесна победа над младата Смилевска, па така двете дами од ШК Алкалоид се на водечките позиции.
На двата турнира се предвидени по 9 кола, односно со партиите од петтото коло, кои се играат во вторник, турнирите влегуваат во втората половина. До крајот ќе се игра по една партија на ден со почеток во 17:30 часот, а прогласувањето на новите шампиони ќе биде на 18 мај.
ПР
Македонија
Метеоролозите најавуваат поројни дождови попладнево и нестабилно време до четврток
Попладнево ќе има поројни дождови и грмежи во државата.
Според прогнозирањето на метеоролозијте, се очекува да паднат над 15 литри дожд на квадратен метар. Локално, како што најавува УХМР, дождовите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје времето денес ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени.
До четврток времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за појава на град краткотрајно во форма на невреме. Долж Повардарието ќе дува засилен ветер од југоисточен правец (над 60 km/h). Во петок и сабота ќе настапи преодно стабилизирање на времето со пораст на температурата. Од недела повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и појава на невреме.
Македонија
Грчкиот министер за надворешни работи: Грција не моли, бараме спроведување на договорот од Преспа
Зборувајќи за прашањето за односите меѓу Грција и Северна Македонија, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис во разговор за ЕРТ рече дека грчката страна бара почитување на договорот од Преспа. Тој вели дека обвинувањата од грчата опозиција се лажни и неодговараат на сложената ситуација.
„Како прво, нема апсолутно никакво молење од грчката страна. Грчката страна бара почитување на договорот. Добро знаете дека од моментот кога ќе се ратификува меѓународен договор во парламентите, тој добива сила над законите. Ниту една од двете држави не може еднострано да го ревидира овој договор. Значи, дури и кога не се согласува со она што е вклучено во договорот, мора да го спроведе. Сакам особено да укажам на различниот институционален третман во двете држави“.
Во врска со тоа што Грција сѐ уште нема ратификувано ниту еден меморандум, што е нивна обврска во согласност со договорот со Грција, Герапетритис го повтори грчкиот став дека тие ќе бидат ратификувани кога ќе дојде вистинскиот момент.
„Ќе ги донесеме во собранието, повеќепати сум кажал, кога ќе биде клучното политичко време, односно кога грчката страна ќе се увери дека има целосна усогласеност. Затоа што сите знаеме дека има точки што соседната земја не ги почитувала.
И, секако, не се повикувам на името, туку на други прашања. Сега да ви кажам што се случува со името. Најпрвин да ги видиме спецификите, институционалните. Името Република Северна Македонија стои во договорот од Преспа и според овој договор со член 20 прашањето за името не може да се менува под никакви околности. Па, тоа не е од оние работи што може да се менуваат дури и со меѓусебен договор.
Значи, нема апсолутно никакво прашање за измена бидејќи тоа беше договорено од двете страни и ратификувано и ги обврзува актуелниот грчки политички поредок и политичкиот поредок на Северна Македонија. Второ, во овој момент не е само притисокот што го врши Грција, тоа е притисокот што се врши во Северна Македонија.
Третото и најважно според мене е дека грчката страна реагира подготвено и со исклучително брзи рефлекси. Со иницијативи на МНР веднаш беа информирани надлежните од маѓународната заедницата. Имаше итна реакција и од претседателот на Европската комисија, од претседателот на Европскиот совет и од претставникот на Европската Унија, а во исто време има и меѓународен став. Со други зборови, многу земји дадоа соопштение во оваа насока. Значи, постои усогласена реакција.
И последно и важно, кои ќе бидат нашите следни чекори. Бараме почитување на договорот од Преспа. Тоа е меѓународно право и мора да се применува. Ќе ја конфигурираме рамката за да има целосна имплементација. Сите разбираме дека новото политичко раководство можеби има поинакво гледиште идеолошки, светогледно, но има и прашања што се надвор од нивната волја. Не се работи за самоопределување на секој политички функционер. Ние сите го разбираме ова, се работи за почитување на договорите и грчката влада ќе постапи во оваа насока, дозволете ми да кажам, сето тоа е институционално право што им се припишува на земјите членки на Европската Унија.
Што се однесува на Северна Македонија, услов за нејзиниот пристапен процес се лојалноста и спроведувањето на договорот од Преспа. Значи, ова е предуслов за да продолжат интеграциите“, изјави грчкиот министер за надворешни работи.