Македонија
(Видео) Мицкоски за Арсовска: Не е ништо страшно да ни се раздвојат патиштата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека партијата стои зад Златко Перински и Ѓоко Велковски, кои градоначалничката Данела Арсовска ги разреши од функциите. Тој рече дека верува во двајцата, дека се работливи и посветени, но дека, за жал, некој не знае да го искористи нивниот потенцијал.
Мицкоски меѓу другото рече дека не е ништо страшно со Арсовска во еден момент да им се раздвојат патиштата.
„ За мене е важно Скопје да се развива и затоа поддржавме независен кандидат за градоначалник. Во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се остваруваат и од едната и од другата страна и патиштата може да ви се раздвојат на различни страни. Важно е политиките да ви се принципиелни и чесни и во насока кон тоа за што се залагате. Ако во еден момент се разидуваат мислењата и ставовите не е страшно да ви се раздвојат и патиштата“, рече Мицкоски.
Во врска со Ѓоко Велковски досегашниот генерален секретар и Златко Перински досегашен директор ЈП Водовод и канализација Мицкоски истакна дека и двајцата се чесни и имаат недвосмислена поддршка од партијата.
„ Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој денеска ја напушти таа позиција и Златко Перински имаат моја недвосмислена поддршка верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина. Што се однесува до Перински можам да кажам дека постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети, изјави Мицкоски.
Во врска со набавката тој потенцираше дека тоа е набавка од 2019 година кога градоначалник бил некој друг, идека е проект финансиран од Светска банка преку Европската инвестициона банка, позади кој стои државата со свој претставник, министерство за животна средина и од тоа што знам од страна на финансиерот сите документи се доставени без приговор.
„ Ако некој може да има толкава моќ да влијае и врз Светска банка и врз Европската инвестициона банка, јас би му честитал јавно ако е толку моќен. Јас во името на овие луѓе не гледам таков. Ова е сериозен проект и апелирам до новиот директор, да го заврши затоа што е битен за скопјани, Скопје за жал е град кој се уште нема прочистување на отпадните води затоа имаме чувство на миризба кој доаѓа од Вардар и ќе го охрабрам да се реализира овој проект и да не пропадне како што пропадна една друга инвестиција и покрај што имавме добри намери да ја одржиме во живот. Ги охрабрувам Арсовска, новиот секретар и новиот директор да го реализираат овој проект, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

