Македонија
(Видео) Мицкоски: Младите претставуваат моторот на едно општество, но сега за жал студентите ја губат слободата, а нивниот глас не се слуша
Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ со панел дискусија го прослави Светскиот ден на студентите. На панел дискусијата присуствува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Иванка Василевска член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Јован Јаулески в.д. претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
На панел дискусијата се разговараше за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат македонските студенти, како и предлог решенија кои во иднина ќе ја подобрат положбата на македонскиот студент.
Професорката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска во своето обраќање пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека погромот кој што се случува денес во целиот државно политички систем се чувствува и во високо образовните установи, а македонскиот студент денес е понесреќен од оној кој што студирал дури и од времето кога условите за студирање биле многу полоши од денес.
„Денес сме соочени со погромот кој што се случува воопшто во целиот државно политички систем на Република Македонија, а истиот го чувствуваме и силно не притиска и во делот на високо школските установи. Зошто македонскиот студент денес е понесреќен од оној пред 10-тина години или пред 20 кога јас бев студент и кога навистина беше нејасно дали Македонија навистина ќе продолжи, дали ќе успееме, дали ќе имаме можности кога немаше интернет, кога немаше толку можности да се патува и да се разменуваат искуства. Кога беше навистина привилегија и чест да се добие стипендија, да се добие некој студентски престој да се оди на некој семинар“ рече Василевска.
Таа изрази огромна благодарност до партијата ВМРО-ДПМНЕ поради искуствата и знаењата кои ги стекнала како член на партијата учествувајќи на настани организирани од партијата и другите партнерски институции, напоменувајќи ја Фондацијата „Кондрад Аденауер“.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој доаѓа од професорската фела го посочи иселувањето на младите од Македонија како еден од најголемите проблеми на државата, а вината за тоа ја пронајде кај неспособноста на власта.
Мицкоски порача дека силата е во младите кои претставуваат моторот на едно општество, но сега за жал студентите ја губат слободата, а нивниот глас не се слуша.
„Студентите се движечката сила на едно општество, моторот на промените, иновативноста, цутот на секое општество. Најдобар синоним за младиот човек е слободата, кога ја има, тогаш тие поместуваат граници, создаваат и креираат критериуми, вредности, а кога ја нема, тие се искрата од која почнуваат промените. Денес за жал нашата земја го живее можеби најцрното време. Студентите ја губат слободата, и некој ќе праша како е тоа можно, можно е кога тие имаат празен стомак, стипендии кои доцнат и не се зголемуваат, услови за сместување кои не се подобруваат, наставна програма која не се реформира, стандарди кои го пробиваат дното, глас на млади кој не се слуша“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ниту еден универзитет во Македонија не се наоѓа на Шангајската листа на најдобрите илјада универзитети во Македонија, а студентите кога ќе завршат со своите студии не можат да најдат работа. Токму поради ова Мицкоски посочи дека е потребно целосно преобразување и ново поглавје во односот кон студентите и младите.
В.д Претседателот на Унијата на млади сили, Јован Јаулески најави нова стратегија за млади која набрзо ќе биде презентирана во јавноста во која ќе има идеи и проекти кои ќе понудат алтернатива на безнадежноста во Македонија.
„Сакам да истакнам дека во наредниот период Унијата на млади сили работи на стратегија за млади која ќе биде презентирана во јавноста и исто така идеи и решенија од младите луѓе со кои што се изготвуваат проекти кои што со експертскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ кога ќе биде време ќе бидат презентирани пред македонската јавност, се со цел како млади луѓе како авангарда кои треба да ја донесат промената во Република Македонија, да понудиме алтернатива за ова безнадежност“, заклучи Јаулески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.