Македонија
(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчески да воспостави европски вредности
„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, редовен професор, е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање за коментар за извештајот на „Транспаренси интернешнл“.
Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
„Уште еднаш оваа Влада покажува политичка незрелост и со тие позиции што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал, за жал“, рече тој.
Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините, каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините во кои имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да може граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт, која практично е раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.
„Така што, јас би апелирал до мојот колега, наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.

